Во Србија и денеска продолжуваат меѓусебните обвинувања околу аферата за прислушување, следење и „шпионирање“ меѓу власта и опозицијата, тема која ја почна опозицијата и за која вчера српскиот претседател, Александар Вучиќ, симнувајќи ја ознаката за тајност на документи на тајните служби, докажуваше дека тој бил прислушуван 24 години.
Тие мене ме напаѓаат бидејќи се грижат, што се уште можам да изнесам во јавноста за нив. Јас тоа не го направив, ни посредно. Го направив ова само за мојот случај, да покажам какви лажговци се, изјави денеска Вучиќ во Белград, при обиколката на градежните работи на плоштадот на Републиката.
Тој негираше и дека српските служби ги прислушуваат опозициските лидери Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ и оти тие сето ова го тврдат со цел да ја свртат приказната.
Вучиќ ги негираше и тврдењата на лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ, дека додека бил во опозиција купил опрема за прислушување на своите политички противници и дека имал средби со странски разузнавачи, туку, како што кажа, „имал средби со првите секретари и заменици на амбасадорите“.
Коментирајќи ја прес-конференцијата на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, Вучиќ наведе дека тој „треба да се срами од неговите зборови, бидејќи Тадиќ со овие луѓе имаше многу повеќе состаноци“.
Тој исто така рече дека Тадиќ „сето ова го следел од приватен прислушен центар во Претседателството“, за потоа истиот биде префрлен „на еден сплав“, во Белград.
Вучиќ ја оцени како „ноторна лага“ информацијата дека Србија го претворила српско-рускиот хуманитарен центар во Ниш во руска воена база.
Не ја разбирам хистеричната кампања, која лидерите на Сојузот за Србија ја водат против Русија, посочи Вучиќ.
Поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, на прес-конференција оцени дека Вучиќ читајќи доверливи документи, ги прекршил сите дипломатски правила и Виенската конвенција, го довел во прашање кредибилитетот на безбедносните служби и луѓето што работат таму, како и меѓународната позиција на Србија.
Тој кажа дека Вучиќ се обидел да се претстави како жртва затоа што бил фатен како опозиционер кој го прислушувал него (Тадиќ), како тогашен претседател.
За време на мојот мандатот, Вучиќ ниту еден ден не беше под мерки, а беше прислушуван единствено кога разговараше со лица кои биле под надзор во законска процедура. Како да не се прислушува личност (за време на вонредната состојба) која се смееше и аплаудираше и која, неколку недели пред атентатот на премиерот (Ѓинѓиќ, на кого ногата му беше во гипс), тврдеше „дека и Тито пред смртта имал болка во ногата“, истакна Тадиќ.
Одлуката на Вучиќ да ги прочита јавно доверливите документи, според Тадиќ, треба да има и правни последици.
Ознаката за доверливост може да се отстрани ако со тоа се штитат државните интереси. Кои државни интереси тој ги штити со објавување на овие документи? Тој го штити само својот личен интерес, наведе Тадиќ.
Comments are closed for this post.