На денешната владина седница е донесена одлука на Град Скопје да му се даде трајно користење на топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас „Градски енергетски системи“ (ГЕС).
Градот Скопје, како што информира во своето соопштение, преку АД ГЕС-СКОПЈЕ ќе спроведува мерки за намалување на аерозагадувањето во градот, што е последица на затоплувањето на објектите на среден рок преку развој и проширување на топлификациската мрежа, давање субвенции за приклучување, подобрување на енергетската ефикасност на објектите, намалување на потрошувачката на енергија преку регулација и изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас.
ГЕС ќе овозможи обмислени градски енергетски политики, одговорен пристап кон енергетската ефикасност и рационален пристап во комбинирањето на топлификациската и гасоводната мрежа низ градот. ГЕС ќе има изменет пристап кон корисниците во кој приоритет ќе има бројот на приклучени претплатници и ширењето на мрежата, наспроти максимизирањето на профитот и рационализирањето на трошоците и инвестициите, како што е случај со сегашните дистрибутери на топлинска енергија, се вели во соопштението на Град Скопје.
Целта на Градот е парното греење да биде достапно за сите, граѓаните да добиваат пониски сметки, да се запре досегашниот бран на исклучување од системот, повторно да се вратат во мрежата корисниците кои го напуштиле овој начин на затоплување поради превисоките сметки за парно, и да се привлечат во системот нови корисници.
Од Градот посочуваат дека преку субвенционирање на потенцијалните нови корисници и вложување во енергетска ефикасност на објектите што треба се приклучат на топлификацискиот систем, директно ќе влијае и врз намалување на потребата од топлинска енергија за затоплување, а со тоа ќе се намали и трошокот за затоплување, односно корисниците ќе добиваат помали сметки за греење.
Со функционално поврзување на трите топлификациски мрежи, кои во моментов се одвоени, ќе се создадат можности за вложувања во досега нерегулирани извори на топлинска енергија со што ќе се создаде конкуренција на пазарот што ќе доведе и до дополнително намалување на цената на топлинската енергија, информираат од Град Скопје.
Comments are closed for this post.