Податоците од Министерството за финансии за извршување на буџетот за првата половина од годинава покажуваат дека Македонија е далеку од Заевото блескање или пак година на економијата. Собирањето данок точно ги покажува економските активности, растот и економската моќ на граѓаните, рече на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
-Даночните приходи, собирањето на данокот во вториот квартал од 2019 година номинално забележале просечен пад од 3,4%, ова е податок од киднапираното министерство за финансии. Притоа, согласно планот на министерството, за цела оваа година растот на даночните приходи треба да изнесува 6,6%. Остварувањето во првата половина од оваа година укажува дека таков раст не само што не е достижен, туку и дека министерството за финансии веројатно годинава ќе наплати помалку даноци од лани. Ваквиот тренд упатува на можност за сериозна буџетска криза и неопходност од значителна и болна фискална адаптација во следниот период. Односно болен ребаланс! Сето ова е резултат на лошата бизнис клима, што е далеку од Заевото блескање! Според финансии, најголем е падот кај данокот на добивка, фирмите во Република Македонија во април, мај и јуни годинава уплатиле за 32% помалку данок на добивка. Една третина помалку, во однос на истото тримесечие лани. А, годинава проектиран е раст од 3,5% кај приходите од данок. Ова е огромен непредвиден пад кај наплатата на данокот на добивка, за што министерството нема информации за причините на падот, истакна Стоилковски.
Стоилковски додаде дека дополнително, во вториот квартал нaплатата кај нето-ДДВ е за 4,4% пониска од истата во вториот квартал лани, а во услови на проектиран раст по истиот основ од 5,8% за цела година. Кај бруто ДДВ растот на приходите е скромни 2,5%. Пониски приходи, почитувани, по основ на ДДВ значи пониска потрошувачка во Република Македонија, а следствено и пониски стапки на раст.
-Релативни приходи во вториот квартал од 2019 година се забележани по основ на данок на личен доход, и тоа веројатно заради тоа што СДСМ воведе прогресивен данок и втора даночна стапка од 18%, но да потсетиме дека и дополнително го зголеми данокот по основ на наемнини, капитални добивки и дивиденди за цели 50%. Дополнително на сето ова, капиталните инвестиции за првите 6 месеци се само 20%. Во вакви услови на ниска наплата на даночни приходи и ниско ниво на капитални инвестиции, буџетскиот дефицит веќе изнесува 40% од планот. Ова е сериозен пад во економската динамика со сериозен можен удар и повисок буџетски дефицит од планираниот. Ваквиот тренд упатува на можност за сериозна буџетска криза и болно фискално прилагодување! Истакна Стоилковски.
Ова се сериозни потфрлања. Огромен пад на данокот на добивка – значи пад на економска активност на компаниите, пад на ДДВ – значи пад на економската моќ на граѓаните, огромен пад на капиталните инвестиции, и раст само кај даночењето на личните примања и добивките на граѓаните! Така е тоа со октопод на власт кој што со трет буџет повторно нема инвестиции туку криминогени скандали и рекети! На Македонија, почитувани, и е неопходна итна обнова за да се избегне понатамошно задолжување и осиромашување на граѓаните! Подвлече Стоилковски.
Comments are closed for this post.