Градот Скопје во соработка со општините Центар, Карпош, Чаир и Аеродром денеска почна акција за ослободување поголем број заробени дрвја од градежен материјал при нестручно извадени градежни активности на јавнити површини.
Акцијата почна на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало, каде има голем број заробени дрвја со бекатон-плочки и друг градежен материјал, информираат од Град Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на почетокот на денешната акција истакна дека до крајот на оваа сезона сите 200 дрвја што се во надлежност на Градот ќе бидат ослободени.
Во јануари годинава со Шумарскиот факултет потпишавме меморандум за соработка за ослободување 841 дрво, дрвја кои се заробени со градежен материјал. Со задоволство можам да истакнам дека до крајот на оваа сезона сите 200 дрвја кои се во надлежност на Град Скопје ќе бидат ослободени. Им помагаме и на општините да влезат во засилен процес на ослободување на дрвјата. Најмногу заробени дрвја има на територија на Општина Центар, особено овде, во Дебар Маало. Во лудата урбанизација на овој дел од нашиот град во целост беше заборавена животната средина. Големите и развиени дрвја се природен прочистувач на воздухот и ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги заштитиме тие дрвја, изјави Шилегов.
Тој додаде дека е интересно што во општината Аеродром се мапирани само 20-тина заробени дрвја, па се очекува во таа Општина акцијата да заврши во текот на денешниот ден.
Comments are closed for this post.