Американските власти в недела почнуваат со најавените рации за депортација на илегалните имигранти, објави денеска „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на два извора од Департментот за национална безбедност.
Весник дознава дека Имиграциската и царинска служба (ИЦЕ) првично во текот на повеќедневна операција треба да задржи најмалку две илјади имигранти без законски престој, за кои имало судски наредби за депортација и дека првите рации ќе почнат истовремено во десетте најголеми градови во САД.
Извори за весникот се сомневаат во изводливоста на акцијата. Се наведува дека постои нерешителност помеѓу органите за безбедност кои можат да се судрат со правни и практични проблеми како немање доволно сместување во приватните центри во Пенсилванија и во Тексас и многу од задржаните може да бидат сместени во хотели додека се чека изготвување на нивните патнички исправи. Во имигрантската заедница во САД се проширени слуховите за подготовка на масовни апсење и се знае дека „службите на ИЦЕ не можат да влезат дома без дозвола на станарите, дури и кај оние кои се дојдени илегално“.
Раководителот на ИЦЕ, Кен Кјуцинели, синоќа укажа дека службите се подготвени за акција и дека рациите „апсолутно ќе се случат“, откако претседателот Доналд Трамп ги одложи со цел да се побара надпартиско законско решение за илегалната имиграција во САД.
Трамп, кон крајот на јуни најави „депортација на милиони илегални имигранти“ спроведена од имиграциската и царинска служба на САД. По неколку дена Белата куќа ги одложи антиимиграциските акции бидејќи републиканците побараа изнаоѓање компромис со демократите во врска решавање на прашањето за азил на бегалците пријавени на јужната граница со Мексико и пропустите во тамошната погранична контрола.
За време на самитот Г-20 во Јапонија претседателот уште еднаш потврди дека рациите ќе се случат после две недели, рок кој истекува на 14 јули.
Comments are closed for this post.