Длабокиот јаз кој владее меѓу албанскиот државен врв се потврди уште еднаш со учеството на шефот на државата Илир Мета на Самитот на Процесот за соработка во Југоситочна Европа (SEECP), што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина, иако претходно министерот за Европа и надворешни работи Гент Цакај рече дека земјата во знак на солидарност со Косово го откажува учеството.
Сепак, Мета не изостави да го спомене Косово. Во својот говор, изрази жалење што следниот претседавач на овој процес, Република Косово, не присуствува на Самитот, истакнувајќи дека сега е вистинското време за Босна и Херцеговина, но не само за неа, да постигнат напредок кон признавање и прифаќање на реалноста, јави дописничката на МИА од Тирана.
Мета нагласи дека никогаш порано регионот не бил постабилен и побезбеден, но додаде дека има ефективна соработка, каде што некои од учесниците на овој форум прават се што е можно за да исклучат еден народ и една соседна држава од користа од меѓународната соработка и регионални проекти во важни области како што се безбедноста, образованието, културата…
– Добрососедските односи и взаемното почитување се од суштинско значење за да имаме ефективна регионална соработка, безбедност и економски просперитет за сите нас. Сега е потребното време не само Босна и Херцеговина, која требаше да ги направи сите напори да го гарантира учеството на Косово на овој Самит, туку и секоја друга земја да направи напредок кон признавање и прифаќање на оваа реалност. Република Косово е независна и суверена држава и треба да се третира со почит, пред се од своите соседи, изјави претседателот Мета.
На неговата изјава веднаш реагираше српската премиерка Ана Брнабиќ, која рече дека државата во која се одржува самитот не ја признава државата Косово и директно обраќајќи му се на Мета рече „воздржете се од провокација.
Comments are closed for this post.