Досега Бугарија и Турција беа фаворити за новата фабрика на „фолксваген“. Анкара му достави повеќе понуди на германскиот концерн, но според информација на ARD, сега двете држави можат да извисат заради Саудиска Арабија.

Бугарија и Турција беа привлечни заради ниските плати и даноци, како и добрата логистичка поддршка. Но, од петокот, меѓутоа, односот на централата на концернот во Волфсбург во однос на новата локација е сосема поинаков, веројатно поради вмешувањето на нов и финансиски моќен играч.

Лобисти тврдат дека Саудиска Арабија, во наредните две децении сака да изгради фабрика за автомобили и државата може да го победи секој конкурент. Ангажманот на Саудиска Арабија спрема автомобилскиот сектор се огледа од посетата на принцот Мохамед бин Салман на Јужна Кореја. Тој таму потпиша договор за економска соработка вреден неколку милијарди долари, како и договор со производителот на автомобили „хјундаи“.

Според информацијата на ARD, Саудиска Арабија има аргументи, што бордот на „фолксваген“ не ќе може да ги пренебрегне. Ријад може да го субвенционира секој нов автомобил со најмалку 1.000 долари за период подолг од 10 години. Државата предлага петцифрен капацитет за производство на автомобили годишно. Данокот на промет изнесува пет отсто. Понудата опфаќа земјиште, објекти и соодветна инфраструктура, како и обука за вработените.