Целиот регион на Западен Балкан треба да го следи примерот на Северна Македонија и треба да ги забрза реформите, особено во сферата на владеењето на правото, почитувањето на човековите права и доброто извршување на власта, изјави еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан на Самитот за Западен Балкан во полскиот град Познањ.
Тој нагласи дека ЕУ мора да ги почитува своите ветувања и да ја награди „земјата што постигна историски напредок“, оценувајќи дека не наградувањето на објективниот напредок ќе го наруши кредибилитетот на Унијата.
Стојам зад препораката на Европската комисија за започнување на преговорите за членство во Албанија и Северна Македонија и сметам дека Советот на ЕУ во октомври ќе ја потврди нашата позитивна оценка. Двете земји спроведоа реформи, особено во сферите наведени во заклучоците на Советот од јуни 2018, изјави Хан.
Еврокомесарот нагласи и дека земјите од Западен Балкан во наредните години и натаму ќе можат да сметаат на поддршка од ЕУ во спроведувањето на реформите преку програмата ИПА 3, за која во следниот период е предвидено зголемување на средствата за 13 проценти.
Хан потенцира дека економиите на земјите од Западен Балкан се веќе силно поврзани со ЕУ, на што укажува фактот дека над 70 проценти од трговската размена на регионот е со државите од Унијата.
Со отстранување на сообраќајните тесни грла, ќе се намали времето за патување на граѓаните, како и трошоците за транспорт на бизнисот. Тоа ќе му овозможи на регионот уште подобро да го искористи својот економски потенцијал, оцени Хан.
Comments are closed for this post.