Претседателот на Русија, Владимир Путин, најави дека неговата земја има намера да развива позитивна соработка со новиот премиер на Велика Британија, без оглед на тоа кој ќе дојде на функцијата. Сепак, рускиот претседател истакна дека за такво нешто ќе биде потребно и тој нов британски премиер да биде подготвен за соработка.
Ние ќе се однесуваме кон резултатите на изборите за нов британски премиер со почит и ние ќе соработуваме со сите оние кои сакаат да соработуваат со нас – изјави Путин.
Рускиот претседател додаде дека Москва се надева оти Лондон ќе ги слушне желбите на своите граѓани за соработка со Русија. Путин наведе дека луѓе од деловниот свет, со кои се сретнувал, му велеле дека сакаат да работат со Русија и да го прошират своето присуство на рускиот пазар.
Рускиот претседател одби да се изјасни за кандидатите за британски премиер.
Кандидатот, којшто ќе го избере партијата, ќе биде премиер. Ние ќе соработуваме со секого – изјави Путин.
Тој додаде дека е збунет од изборниот систем за премиер на Велика Британија.
Делува дека постојано го вперуваат прстот кон нас поради демократските процеси во Русија, изборниот закон и друго, но ајде да го погледнеме методот за доведување на највисоко позиционираната личност во земјата. Во Велика Британија премиерот не го носат на власт преку избори, туку на партиски собир. Тоа за мене е чудно, но тоа е британскиот систем – изјави Путин.
Британската Конзервативна партија избра нов лидер по оставката на Тереза Меј, а фаворити во трката се Борис Џонсон и Џереми Хант.
Тие ќе се борат за функцијата британски премиер и лидер на Конзервативната партија.
Comments are closed for this post.