Трката за иден премиер на Велика Британија ќе ја продолжат тројца кандидати – поранешниот шеф на британската дипломатија и екс градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, како и актуелните министри за животна средина и за надворешни работи, Мајкл Гов и Џереми Хант.

На денешниот четврти круг од гласањето Џонсон освои 157 од 313 гласови на конзервативците, Гов освои 61, а Хант 59 гласови.

Министерот за внатрешни работи Саџид Џавид го освои четвртото место со 34 гласови и испадна од натамошната трка.

Во второто гласање во текот на денешниот ден ќе бидат одредени двајца кандидати за кои по пат на пошта ќе гласаат 160.000 члаенови на Конзервативната партија ширум земјата.

Победникот ќе биде прогласен кон крајот на јули и ќе ја замени Тереза Меј на функцијата лидер на партијата и премиер на Британија.