Колумнистката на магазинот „Ел”, Елизабет Џин Керол, тврди дека  американски претседател Доналд Трамп сексуално ја нападнал во соблекувална во стоковна куќа на Менхетен во средината на 1990-тите години, се наведува во нејзината книга, објавена од страна на списанието „Њујорк“.

Трамп ги отфрли таквите обвинувања, оценувајќи ги како „фикција“ и „лажни вести“, наведувајќи дека не постојат докази за тврдењата на Керол. Тој изјави дека никогаш не ја запознал Џин Керол и обвини дека нејзината мотивација за такви тврдења е „да ја продаде новата книга“.

Никогаш не сум ја запознал таа личност во мојот живот – рече Трамп.

Американскиот претседател ги повика сите кои поседуваат „информации дека Демократската партија соработува со Керол или магазинот „Њујорк“ да ја известат Белата куќа, пренесува Би-Би-Си.

Треба да се срамат тие кои измислуваат лажни приказни за напад, со цел да добијат публицитет за себе или да ја продадат книга, или прават политичка агенда – наведе Трамп.

Американскиот претседател, исто така, се заблагодари до стоковната куќа „Бергдорф Гудман“, затоа што потврдиле дека нема видео запис за таков инцидент.

Во написот, во кој е одделен делот од книгата на Керол за „гнасни мажи“, таа пишува дека се сретнала со Трамп на крајот на 1995 или почетокот на 1996 година. Керол пишува дека по првично пријателската средба со Трамп во „Бергдорф Гудман“, тој ја турнал до ѕид во соблекувалната, ги соблекол панталоните и се фрлил врз неа.

Керол тврди дека, по голема борба, го турнала и избегала од продавницата.

Повеќе од десет жени претходно го обвинија Трампа за сексуално несоодветно однесување, што тој го негираше.