Многу бројни реакции предизвика промоцијата на најновата мерка за поврат на ДДВ, од тоа дека станува збор за чист популизам , до бранење на идејата дека кај граѓаните ќе бидат вратени 50 милиони евра.
Од анализата правена од страна на Finance Think, само најбогатите домаќинства кои годишно трошат 1, 2 милиони денари или околку 20 илјади евра ќе можат да си повратат една просечна плата со мерката Поврат на ДДВ. Најсиромашните домаќинства ќе вратат само 738 денари, покажа анализата на Фајнанс тинк.
Семејство чија потрошувачка кошничка месечно изнесува 32.670 денари ќе може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.
Повратот на ДДВ ќе биде тешко за оние кои земаат просечна плата и уште потешко за оние кои земаат минимална плата.
Поврат на ДДВ
Најбогати домаќинства 450 евра
Просечно домаќинство 172 евра
Најсиромашни домаќинства 12 евра
Според последните податоци за декември лани, социјалната потрошувачка кошничка која се мери со просечната исплатена нето плата, изнесувала 32.670 денари. Пресметано на годишно ниво тоа значи дека четиричлено работничко семејство, кое нема автомобил, за исхрана и пијалоци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување на здравје годишно троши по 392.040 денари (6.370 евра). Тоа семејство, преку сметките на државата ѝ плаќа ДДВ во износ од 1.146 евра. Според тоа, може да очекува поврат на ДДВ од 172 евра за една година.
Социјалната потрошувачка кошничка можат да ја покријат само семејствата со две просечни нето плати или со една просечна и една минимална плата. Семејствата со две минимални плати не се во можност без да се откажат од нешто да преживеат и со синдикалната потрошувачка кошничка. Според тоа, тие и најмалку ќе добијат од колачот што се вика поврат на ДДВ.
Просечна нето плата во земјава земаат околу 17 отсто од вработените, додека 75 отсто од нив земаат плати под државниот просек.
Пресметка од даночниот советник Павле Гацов
Даночниот советник Павле Гацов на својот Фејсбук профил даде пример како да пресметате колку треба да имате набавки за да ви се врати максимално дозволениот износ на ДДВ од 28.000 денари годишно.
Пресметка за ДДВ со 18%:
28.800 х 100 : 15 = 192.000
192.000 х 100 : 18 = 1.066.667 денари набавки за 1 година.
Проверка:
1.066.667 х 18% ДДВ = 192.000
192.000 х 15% = 28.800 ДДВ за враќање
Пресметка за ДДВ со 5%:
28.800 х 100 : 15 = 192.000
192.000 х 100 : 5 = 3.840.000 денари набавки за 1 година.
Проверка:
3.840.000 х 5% ДДВ = 192.000
192.000 х 15% = 28.800 ДДВ за враќање
Со оглед дека граѓаните ќе набавуваат добра и со 5% ДДВ и со 18% ДДВ, произлегува дека годишните набавки за да се постигне максимално дозволениот годишен поврат на ДДВ (28.800 денари) треба да се движи меѓу 1.066.667 и 3.840.000
Опцијата за максимално искористување на повратот е речиси невозможна поради предвидените лимити.
Пресметка на повратот од извршени набавки:
Вкупна набавка 20.000 денари
– од тоа 15.000 со 18% ДДВ = 2.288 (15.000 : 1,18 = 12.712 х 18%)
– 5.000 со 5% ДДВ = 238 (5.000 : 1,05 = 4.762 х 5%)
Вкупно ДДВ = 2.288 + 238 = 2.526 денари
Поврат 15% ДДВ = 379 денари
Comments are closed for this post.