Од 1 јули се очекува да почне мерката поврат на 15% од платен ДДВ кај граѓаните, најави премиерот Зоран Заев, презентирајќи го предлог-законот кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.
Премиерот рече дека ова е еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата бидејќи ќе се остварат две главни цели: Првата, повраток на пари кај граѓаните, а втората, учествуво во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување.
Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28 илјади и 800 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство“, истакна премиерот Заев.
Можноста за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани на Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, соопшти дека станува збор за нова реформа, а по начинот на којшто ќе се реализира, прва од ваков вид и на Балканот.
Од 1 јули, фискалните сметки веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат, рече Луаревска и потенцираше дека апликацијата „Мој ДДВ“, дозволува скенирање само на валидни фискални сметки“.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, рече дека мерката има две главни цели. Поврат на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните, како и намалување на сивата економија.
Граѓаните ќе бидат инспектори и ќе ни помогнат за намалување на неформалната економија со барање на фискални сметки. За прв пат 15% од платениот ДДВ ќе им биде вратен на нивните сметки, рече Тевдовски.
Кој ќе има право да ја користи оваа можност?
Сите граѓани постари од 15 години со валидна лична карта или пасош, издадени од надлежен орган на Македонија. Треба да бидете регистрирани на електронскиот систем на УЈП за физички лица и да имате трансакциска сметка на сопствено име.
Како ќе се прави повратот?
Преку скенирање на бар кодовите на фискалните сметки, со мобилни телефони, со користење на посебна апликација, развиена од Управата за јавни приходи. Скенирањето треба да се направи најмногу во рок од 10 дена од датумот на издавање на сметката. Ова е најлесниот начин да ја користите можноста, со цел да не чекате редови и да немате застој во скенирањето.
Од кога почнува повратот?
Од почеток на јули 2019. Првата исплата ќе биде во декември 2019. Парите ќе бидат префрлени директно на сметка на граѓаните. Потоа, исплата ќе се врши секој февруари/мај/август/ноември, за изминатите три месеци.
Колку пари се враќаат кај граѓаните?
Доколку граѓаните ги бараат сите сметки, со мерката се очекува дека ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци. За четиричлено домаќинство, враќањето на ДДВ ќе изнесува најмногу 28.800 денари годишно;.
Поврат на овој начин ќе се врши само за граѓаните, а не и за претпријатијата. Важи само за ДДВ содржан во фискални сметки, не и за ДДВ од фактури и сметки со сметко-потврда. Може да се користи само за фискална сметка до износ од 30.000 денари и нема да важи за сторнирани фискални сметки.
Comments are closed for this post.