Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за учебниците на последната средба во Скопје разговарале за заедничко чествување на Гоце Делчев. Но, првите луѓе Драган Ѓоргиев и Ангел Димитров на средбата со новинарите не кажаа како што и според што-дали како заеднички револиционер, дали според националната или етничката припадност.
Според Ѓоргиев, денешниот ден целосно бил посветен на Гоце Делчев и на идејата за заедничко чествување. Членовите на комисијата имале исцрпувачки и конструктивни дискусии и смета дека е направен напредок во тој поглед. Работеле на текстот, што на минатата средба бил добиен од бугарската комисија и на текст, кој и бил даден на бугарската комисија неколку дена пред оваа средба.
Беа усогласени некои места околу кои може да се постигне согласност, меѓутоа исто така беа селектирани и места околу кои имаме разијдување и кои остануваат тема на дискусија и понатаму и кои ќе бидат разгледувани на наредната седница, изјави Ѓоргиев.
Запрашан кои се елементите, што ги поврзуваат, а кои се тие што ги разделуваат двете страни тој изјави:
Јас не би навлегувал сега во тоа, точно да кажуваме кои се проблемите околу кои ние се судруваме и точно да образложувам кои се моментите околу кои се сложуваме. Тоа е процес кој трае, преговори кои траат и ќе продолжат и понатаму и мислам дека во овој момент не би можеле да кажеме околу што се согласуваме и околу што имаме недоразбирања. Сметам дека во моментот кога ќе постигнеме договор ќе можеме да кажеме кои се тие места околу кои не се согласуваме или сме се согласиле. И во текот на овие три месеци ние ќе работиме како комисии, ќе разменуваме мислења и кога ќе дојде вистинскиот момент ќе кажеме.
Неговиот колега Ангел Димитров исто така беше задоволен од разговорите и изрази убедување дека ќе се дојде до разбирање.
Кога се однесуваме професионално спрема историската документација и факти и со уважување едни спрема други, тогаш навистина ќе стигнеме до тоа што сега за некои е далечно. Но, ние сме должни тоа да го направиме на наредната средба, изјави Димитров.
Според него, денешните разговори и начинот на кој се разгледувале работите покажува дека со навлегувањето во модерната епоха нештата понатаму ќе бидат посложени и понапрегнати. Но, лично се надева дека можат да се направи чекор напред, што ќе ги убеди не владите, туку луѓето од двете страни за да станат уште поблиски и заедно да одиме во ист правец.
На дводневната средба двете страни ги усвоиле препораките за античкиот период за учебниците од петти клас во бугарскиот образовен систем и за шесто одделение во македонскиот образовен систем. Тие ќе бидат дадени до владите на двете држави и потоа тие во натамошна постапка ќе треба да ги усвојат.
Се работело и на учебниците по историја за истите одделенија, односно класови кои се однесуваат на подоцнежниот, средновековен период. Двете страни изразија надеж дека на наредната средба закажана за септември во Софија и за овој период ќе бидат усвоени заедничките препораки.
Comments are closed for this post.