Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, како претставник на Владата , денеска оствари средба со претставници на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство и претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата „Еурокомпозит 11 Октомври“ од Прилеп и притоа ги ислуша нивните барања.
Претседателот на Владата Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски, во моментот се на службено патување во Брисел, каде присуствуваат на форум во организација на ЕБОР и поради тоа не беа во можност да се сретнат со нив“, информираат од Владата.
На оваа средба како што стои во владиното соопштение е предложено во понеделник, 10-ти јуни, да се одржи состанок во поширок состав, на којшто освен претставници на Владата, ќе присуствуваат и директорот и останатите раководни органи во „Еурокомпозит 11 Октомври“, претставници на здружението на лицата на коишто им престанал работниот однос во фабриката, претставници на синдикатот на вработените во компанијата, како и претставници од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на кој би се разгледале сите барања од сите засегнати страни, ќе се утврдат приоритети и ќе се пристапи на креирање на динамички план за реструктуирање на оваа компанија во државна сопственост.
Вработените од „Еурокомпозит“ и денеска излегоа на протести пред Владата. Се пожалија дека, од пред две години до сега, властите на секои два месеци им ветувале дека ќе им го решат проблемот, но до ден денеска нема ништо од ветувањата. Затоа до конечно решавање на проблемот информираа деќа ќе стават шатори се до исполнување на нивните барања.
Comments are closed for this post.