Дали претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе закаже пленарка по заклучокот на Комисијата за мандатно и деловничко-имунитетни прашања или ќе ја чека писмената оставка на пратеникот и екс-премиерот Никола Груевски? Ова е дилемата, што се наметнува по најавата на Груевски стигната преку негов фејсбук статус дека ќе поднесе писмена оставка на пратеничката функција. На ова, пак, се надоврзува уште една-дали оставката поднесена од морални и етички причини на пратеникот Павле Богоевски ќе биде активирана или ќе го чека доаѓањето на поранешниот премиер, што ќе рече дека останува ад акта?
Официјално, се уште немаме добиено ништо од пратеникот Груевски. Додека нема ништо официјално од негова страна, нема да може да се почне никаква процедура, велат за Пресинг ТВ од Кабинетот на спикерот Талат Џафери.
Толкувајќи го и Уставот и Деловникот за работа на Собранието, и владејачкото мнозинство, пак, е дилема. Дали да го почитува уставот или Деловникот?
Должност ни е како пратеници и како одговорни политичари да го почитуваме Уставот. Уставот е јасен и кажува како еден пратеник може да си поднесе оставка. Согласно Уставот, тој треба лично да си дојде назад во државата и да си ја поднесе оставката во Собранието. Никола Груевски како пратеник има обврска да се врати во државата, да си ја одлежи казната и секако доколку има намера да си поднесе оставка, изјави неодамна пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадиновски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој, сепак, изјави дека собраниска седница мора да се одржи, согласно заклучокот на Комисијата за мандатно и деловничко-имунитетни прашања.
Пратеникот во оставка Павле Богоевски за Пресинг Тв изјави:
Дури и доколку Собранието најде начин да расправа по оставката на Никола Груевски која не е лично поднесена (за што постои дилема дали е согласно Деловникот, а лично мислам дека не е) се уште постои обврската Собранието да расправа по Предлогот за одземање на мандатот на Никола Груевски веќе на следната пленарна седница. Односно во секој случај ќе треба да има гласање на наредната седница (за Предлогот за одземање на мандатот или за оставката).
По гласањето за Груевски, јас ќе ја доставам мојата одлука за заминување до собраниските служби. Таа станува правосилна кога претседателот на Собранието ќе ја констатира на наредната пленарна седница.
На потег е спикерот Талат Џафери.
Comments are closed for this post.