Основците повеќе нема да одработуваат во саботи, ќе се намалува бројот на учениците во паралелките, а уште од прво одделение покрај одделенскиот, децата ќе имаат и наставник по Физичко и здравствено образование.
Намалување на часови нема да има, бидејќи и сега учениците имале 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој, а најмалку половина од зимскиот распуст за наставниците ќе бидат платени неработни денови.
Ова се предвидува со новиот Нацрт-закон за основно образование кој денеска го презентираше министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Корекција се предвидува и во бројот на ученици во една паралелка, па така сегашниот праг од минимум 24, а максимум 34 ученици, ќе се помнести на најмалку 20, а најмногу 30 деца во една паралелка.
Законот предвидува и инклузија на учениците со попреченост во редовната настава. Се најавува од учебната 2022/2023 да не се запишуваат ученици во посебни паралелки и во посебни училишта. Тие кои веќе учат таму ќе можат да ја продолжат наставата во нив, но ако решат родителите ќе може и да ги префрлат во редовните паралелки.
Покрај за децата, новини ќе има и за наставниците за кои Адеми посочи оти ќе има можности за кариерен развој, унапредување на приправничкиот стаж, но и платен зимски распуст. Законот предвидува дека најмалку половина од периодот додека учениците се на распуст во зима, ќе бидат платени неработни денови.
Со новиот закон предвидено е министерот на предлог на Бирото за образование да утврди национални стандарди базирани на компетенции кои учениците треба да ги стекнат и усвојуваат на крајот на секој период од основното образование во подрачјата: јазична писменост, изучување други јазици, математика, природни науки и технологија, дигитална писменост, личен и социјален развој, демократска култура и граѓанство, претприемништво и уметничко изразување, култура и мултикултура.
Министерот смета и дека со решенијата кои ги предлагаат ќе придонесат кон департизација на училиштата и влијанието на функционерите.
Новата верзија на Нацрт-Законот за основно образование ќе се стави на јавна расправа, а министерот очекува оваа втора верзија да има помалку забелешки бидејќи оние кои беа дадени за првата верзија се веќе вметнати во него.
Со забелешките кои ќе се добијат, законот ќе се корегира и МОН ќе го предложи до Владата од каде откако ќе биде усвоен ќе се испрати до Собрание за да се донесе. Планот е тоа да се направи што побргу за да може законот да стапи на сила од новата учебна година во септември.
Comments are closed for this post.