Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески најави дека според запазувањето на роковите, очекува реализацијата на капиталните инвестиции во транспорт и врски да биде комплетна.
Тука спаѓаат и железниците, а што се однесува до гасоводот реализацијата за четирите месеци е 27,4 отсто колку што беше цела година лани – изјави Сугарески при посетата на Прилеп и увидот на работите на патот од Прилеп до Вештачкото езеро.
Како што додаде Сугарески, кога станува збор за капиталните инвестиции, Јавното претпријатие за државни патишта во моментов има преку 30 отсто реализација.
Така на пример, ако лани до овој момент имало инвестирано една милијарда и 700 милиони денари, сега во овој период има околу четири милијарди денари инвестиции. Според ова и запазувањето на роковите, очекувам дека комплетна ќе биде реализацијата на капиталните инвестиции во транспорт и врски. Тука спаѓаат и железниците меѓу кои и пругата Битола-Кременица која почна во јануари лани и заврши до декември и останува уште вметнување на оптичкиот кабел од Трубарево до Битола – изјави Сугарески.
Сугарески оцени дека според добрата динамика на изградбата, во Пелагонискиот регион гасоводот ќе биде готов до крајот на годинава. Средствата како капитална инвестиција ќе се потрошат до октомври или ноември и може да се побараат дополнителни со евентуален ребаланс на Буџетот.
Во моментов сериозно се инвестира во гасоводот и реализацијата на капиталните инвестиции во првите четири месеци од годинава е 27,4 проценти, односно колку што беше направено лани. Така, до моментов се реализирани преку 400 милиони денари и како што сум информиран од изведувачите на гасоводот, мајските и јунските ситуации ќе бидат одлични и очекуваме во делот на капиталните инвестиции за гасификацијата до октомври-ноември комплетно да бидат потрошени средствата од Буџетот. И доколку би имало евентуален ребаланс на Буџетот, би се побарале и дополнителни средства за гасоводот – изјави министерот за транспорт и врски.
Што се однесува, пак, до секундарната мрежа, Сугарески од градоначалниците на Прилеп и на Битола бил информиран дека се работи интензивно.
Според роковите очекуваме до крајот на годинава гасоводот да биде пристигнат во овој регион – објасни Сугарески објаснувајќи ја реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски.
Comments are closed for this post.