Извештајот за напредокот ќе биде тема на јавноста неколку дена, домашна работа на институциите и точка за (ре)калибрирање на партиите. Затоа, тука неговото третирање во детали е небитно, бидејќи само повторно љубезно ги нотира познатите исчекори во меѓународната политика, предизвиците во владеењето на правото, (последично во) борбата со корупцијата, но и фактичките застои во реформите.

Од самата атмосфера во прес-салата во ЕК, до рециклираните говори и одговори на Могерини и Хан на веќе познатите прашања, станува јасно дека ставот на Комисија за проширувањето е и познат и – ирелевантен. Потребата од почеток на пристапните преговори (повторно) е нотирана, а датумот за старт – неизвесен.

Комисијата во заминување процедурално ја префрла топката кај шефовите на државите-членки, а низ односот кон почетокот на преговорите со Македонија и Албанија се авто-тестира пристапот на „морков и стап“, како единствен расположлив инструмент и за Брисел и за државите-кандидати.

Сепак, сега не е во прашање само изронетиот кредибилитет на ЕУ пред Западниот Балкан и оној на властите пред граѓаните во земјите-кандидатки, туку и расположението на владите на членките и, преку нив, на електоратот низ членките кон проширувањето и сега и во следните пар години.

НО НАДВОР ОД РАМКАТА…

Станува јасно дека мастилото на Извештајот уште ќе се суши, а борбата за убедување на националните власти низ Европа за одредување датум за преговори (во јуни) веќе (ќе) треба да тече. Впрочем, пред Извештајот веќе ни стигнаа студени тушеви и низ резултатите од евро-изборите (во „клучните“ земји за одобрување на проширувањето) и низ воздржаните изјави за самото (темпо на одредување датум за) проширување. Пред изборите од Франција, Холандија…, а последно – и од Германија.

Реалноста е дека емпатијата на ЕУ-членките и комесарите кон Македонија и Албанија нема да надвладее над преговорите на националните политичари за распределбата и составот на функциите што ќе ја водат и претставуваат ЕУ во следните години. Влијание на македонските и албанските сојузници од надвор од Европа врз националните авторитети на континентот е можно, но не и многу веројатно (на кус рок), поради внатрешниот европски карактер на тековните преговори за позиции во Унијата.

Тоа значи дека сме соочени со можноста навраќање на датумот за преговори, наместо во јуни, да се случи далеку подоцна (годинава). Што е хендикеп за домашните власти во регионот, а не во Унијата, но вистински никого нема да изненади.

ПАКЕТОТ ЗА ПРОШИРУВАЊЕ Е ПРЕДНОСТ

Иако тековната политичка криза во Албанија е најлесен изговор и за ЕУ авторитетите и за македонските власти да ја префрлат вината за отсуството на датум за преговори, тој пристап не е правилен. Прво, затоа што политичкиот судир во Албанија е разбирлива последица за секој полит-партиски систем при тековна општествена, економска и ментална транзиција (на патот кон ЕУ). Впрочем, тоа следува и кај нас, иако активен е обидот ваквата тенденција да се игнорира со премолчување. И второ, затоа што ЕУ и скептичните влади во неа можат да бидат разубедени само низ бран на земји-кандидатки расположени меѓусебно да се поддржуваат во европски дух, наместо меѓусебно да си подметнуваат во балкански манир.

Тоа нема лесно да се брани во домашните политички околности, каде отсуството на исчекор во реформите и стандардот на граѓаните само ја потхранува „горчината“ од Преспанскиот договор по кој ЕУ ни е исто далечна цел како и лани ова време. Лебди и недовербата кон Владата на Заев виз-а-ви спроведувањето на договорите со Грција и Бугарија. Радев покажа дека е нотирано занемарувањето на источниот сосед на сметка на егзалтацијата од јужниот, а по поразот на Сириза на евро-изборите и очекувањето трендот да продолжи на вонредните, флексибилност од Мицотакис не е за очекување.

Во вакви услови (исход на евро-изборите, националните состојби и преговорите на членките за идната претставеност и влијание во ЕУ институциите…), не е извесен ниту поголем фокус од Меркел или од Макрон за датумот за преговори на Македонија (и Албанија) пред крајот на 2019. Се надевам дека и овој термин не е преоптимистички.

ПОТОА, ВНАТРЕШНО-ПОЛИТИЧКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ СТАНУВААТ НЕМИНОВНОСТ

Ова е непосакуван развој на настани и за власта и за сите нас во опозицијата. Едноставно, зрелоста на македонските политичари е далеку поголема од пристапот „што полошо за власта, толку подобро за опозицијата“.

Неделната „сеча“ на Бихаќка, како и начелната подготвеност на „Белата палата“ за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот лидер покажува дека обете најголеми партии се рекалибрираат за претстојниот процес. Иако никој не зборува за тоа, сите со едно око ја ѕиркаат опцијата за широка влада што во таков случај ќе биде единствено одржливо решение во расчекорот што би се јавил доколку Македонија не добие датум за преговори во јуни, а активно очекува (ратификација на пристапниот протокол за) полноправно членство во НАТО годинава.

Во вакви околности, тековната партиско-владина „сеча“ прераснува во операција за тримесечно превенирање на поинаква влада (спречувајќи гласање доверба на влада реконструирана над 1/3 и со тоа е нова – по устав и деловник).

А по судирот меѓу концептите на „метла“ (замена) и „ветинг“ (проверка и промена) внатре тековната влада, Мицковски нема ни причина ни простор да му дозволи на Заев заобиколување на реал-политичките фактори кај Македонците и кај Албанците во овој процес. Препознатливоста на ова сценарио ја елиминира „изненаденоста“ од неговото случување и бара претпазливост и принципиелност.