Сите гласачки места во четирите општини во северно Косово, во кои се одржуваат вонредни градоначалнички избори, утрово беа отворени во предвиденото време и гласањето започна без никакви проблеми.
Портпаролот на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Ваљмир Елелзи изјави за медиумите дека, според досегашните извештаи од терен, на почетокот од изборниот процес не е забележана никаква нерегуларност.
„Според информациите кои ги доби ЦИК, гласачките ливчиња и сиот друг изборен материјал е дистрибуиран според планираната процедура. Исто така, сите гласачки места се отворени во предвиденото време, во 7 часот, рече Елези, кој во името на ЦИК ги повика сите граѓани со право на глас во четирите општини да го искористат нивното уставно право и да излезат да гласаат.
На изборите во општините со мнозинско српско население, Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечане, со свои кандидати за градоначалници учествуваат најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), како и владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) и опозициското Движење Самоопределување (ВВ).
ЦИК ангажира 670 комесари, кои се распределени во 44 гласачки центри со 87 гласачки места.
Право на глас во четирите општини, според изводот од Централниот регистар на Агенцијата за цивилна регистрација на Косово, имаат вкупно 57.983 лица, што е за 970 повеќе одошто на изборите одржани во октомври 2017 година.
За следење на изборите ЦИК акредитира вкупно 464 набљудувачи од ОБСЕ, дипломатските претставништва во Приштина, невладините организации, политичките партии и медиумите.
Претседателот на Косово Хашим Тачи ги прогласи изборите во четирите општини на северот од земјата, откако тамошните градоначалници поднесоа оставки во знак на револт поради воведувањето на таксата од 100 отсто на увозот на српски производи.
Comments are closed for this post.