Грчките пратеници денеска го изгласаа законот според кој се отвора можност за регулирање на долговите на граѓаните преку 120 рати како и амандманите за намалување на данокот на додадена вредност за прехранбени производи, угостителски услуги и енергија и амандманот за воведување 13. пензија за пензионерите, јави дописничката на МИА од Атина.
Законот беше одобрен од пошироко мнозинство, „за” гласаа СИРИЗА, Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора и Река, а Сојуз на централисти и Комунистичката партија беа воздржани. За амандманите за ДДВ и 13. пензија позитивен глас дадоа сите партии со исклучок на Комунистичката, која повторно беше воздржана.
Во говорот во Парламентот, грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека Владата од август 2018 започна со иницијативи преку закони „за постепена обнова на неправдите што произлегоа од кризата и меморандумите” и уште еднаш истакна дека новиот пакет содржи постојани мерки, „а не предизборни подароци и ветувања”.
Мерките за поддршка и олеснување за многумина се постојани. Бидејќи грчката економија денес ни дава можност да ги интегрираме во нашето долгорочно планирање. Не станува збор само за иницијативи во корист на народот, туку и во корист на развојот, порача грчкиот премиер и додаде дека овие мерки го отвораат патот за носење нови, дополнителни позитивни мерки кон крајот на годината.
Според најавите, се очекува изгласаните мерки веднаш да бидат објавени во Службен весник, за да стапат во сила од следниот понеделник, 20 мај
Comments are closed for this post.