Основното јавно обвинителство од Струмица бара градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, да се упати на издржување две години казна затвор поради активирање на условната казна за кривично дело за кое бил осуден во 2015 година.
Градоначалникот на Ново Село е осуден во 2015 година за кривично дело „проневера во службата“ сторено во 2010 година. Тогаш добил условна затворска казна од две години, доколку не повтори дело во наредните четири години. За стореното кривично дело условната казна истекува на 30 април следната година.
Таа казна се активира, откако Стојчев на 10 јули годинава беше фатен во обид за шверц на цигари. За ова кривично дело Основниот суд во Струмица му изрече казна затвор во траење од 18 месеци, По жалбата на одбраната Апелацискиот суд во Штип ја намали казната на шест месеци затвор.
Барањето на струмичкото Обвинителство е доставено до Основниот суд во Струмица, а оттаму информираат дека по него ќе одлучува кривичен совет.
Comments are closed for this post.