Косовскиот портал „Газета експрес“ објави дека во наредните две недели се очекуваат значајни сослушувања во Специјалниот суд за Косово во Хаг, каде што ќе бидат повикани лица кои се директно поврзани со челниците на државните институции.
Според неименуван извор што го цитира порталот, станува збор за истакнати поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се познаници и пријатели на највисоките државни раководители.
Најновата ситуација околу трибуналот, со последните покани, ја подигна температурата кај политичарите. На некои од високите државни фигури веќе им е јасно за природата на злосторствата за кои се поведени истраги и знаат дека можат да бидат покренати обвиненија против нив. Имињата на повиканите од Трибуналот ќе бидат објавени во наредните десетина дена – вели изворот на порталот.
Според друг неименуван извор, постапката се држи во тајност, а истражителите на Меѓународниот суд вршат интервјуирања и во Косово.
Според „Газета експрес“, првите обвиненија за злосторства на поранешни припадници на ОВК извршени врз цивили Албанци и Срби во Косово по војната во 1999 година, ќе бидат подигнати во текот на оваа година.
Comments are closed for this post.