Денеска се одржува вториот круг од претседателските избори. Право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои можат да изберат меѓу двајцата кандидати Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски.
Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето. За претседател ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.
Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добие потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.
На досегашните пет избори за претседател на републиката беа избрани четворица претседатели. Актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов беше избран од граѓаните во два последователни мандата.
На првите непосредни претседателски избори во 1994 година на гласање излегоа 1.053.761 граѓани, а за шеф на државата беше избран Киро Глигоров со освоени 715.087 гласови во првиот круг на гласање.
Неговиот наследник Борис Трајковски во 1999 година беше избран во втор круг со 582,808 гласови, а на гласање излегоа 1.112.153 граѓани, односно 69,06 отсто. Во избирачкиот список тогаш биле запишани 1.610.340 избирачи.
Следниот претседател Бранко Црвенковски во 2014 година беше избран, исто така, во вториот круг со гласовите на 550.317 од вкупно излезените 909.289 или 53,64 отсто граѓани. Во избирачкиот список имаше 1.695.103 избирачи.
Ѓорѓе Иванов во 2009 година кога за прв пат беше избран за претседател во вториот круг доби поддршка од 453.616 граѓани, а вкупно на гласање излегоа 764.039 или 42,63 отсто од граѓаните. Таа година во избирачкиот список биле запишани 1.792.082 избирачи.
Вториот мандат во 2014 година Иванов го освои со 534.910 гласови, од вкупно излезените во вториот круг 967.676 или 54,38 отсто изибрачи. На тие претседателските избори право на глас имаа 1.779.572 граѓани.
На првиот круг од претседателските избори што се одржа на 21 април, според податоците што ги објави Државната изборна комисија излезноста, излезеноста изнесуваше 42,81 отсто или на гласање излегле 753,520 граѓани.
Претседателот на републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Северна Македонија.
За претседател на републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Северна Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател
Comments are closed for this post.