Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски денеска се сретна со рудари и жители од Македонска Каменица, по што замина на трибина со граѓани во Кочани.

И од Македонска Каменица и од Кочани Пендаровски порача дека заокружувањето на бројот 3 во недела ќе значи подобра перспектива за сите, сигурно одење во Европа, продолжување на реформите и заедничкиот пат кон напредокот, развојот и интеграцијата во НАТО, но и ставање крај на „груевизмот”.

На гласачкото ливче само формално го пишува името на Гордана Силјановска-Давкова. Доколку се гласа за неа, се гласа за враќање на груевизмот. Во недела со гласот за број 3 сигурно одиме во Европа и вие ставате печат груевизмот веќе никогаш да не се врати. Груевизмот беше поразен на парламентарните избори во 2016, на локалните во 2017 година, и доколку и сега биде поразен на претседателските избори дефинитивно никогаш нема да има груевизам. Со глас за број 3 дефинитивно ќе имаме претседател, кој ќе го слуша гласот на народот, а не на елитите. Дел сум од народот, и секогаш ќе бидам, рече Пендаровски.

Ако биде избран на функцијата, рече дека граѓаните кончено, по десет години ќе добијат претседател од кој нема да се срамат.

Ќе бидам претседател кој ќе знае позитивните политики да ги пофали и поддржи, тоа што не чини да го врати назад, да се доработи. Она што е во интерес на граѓаните да го поддржи, а она што во интерес на една фамилија или потесен круг луѓе да не добие поддршка. Мојата прва задача ќе биде она што го бараат граѓаните да им се даде, а не тоа што го бара партијата на власт, напомена Пендаровски.