Едно лице загина, а повеќемина се повредени откако вчера маж отвори оган во синагога во предградие на Сан Диего, Калифорнија. Инцидентот се случи на последниот ден од еврејскиот празник Пасха.
Напаѓачот е идентификуван како Џон Ернест, а тој испукал повеќе рафали во синагогата во областа Паувеј, во близина на Сан Диего, изјави шерифот Вилијам Хил.
Припадник на обезбедувањето пукал во напаѓачот додека тој бегал од местото на инцидентот, но го промашил односно го погодил само неговото воизло.
Напаѓачот успеал да избега со автомобилот, но подоцна полицијата го фатила на автопат и го уапсила, изјави шефот на полицијата во Сан Диего, Дејвид Нислајт, а објави АП.
Ернест нема криминално досие, но инспекторите ги испитуваат тврдењата кои ги напишал во манифест објавен на интернет, дека минатиот месец подметнал пожар и во џамија во близина на градот Ескондидо, при што беше причинета материјална штета, но немаше повредени.
Претседателот Доналд Трамп и други официјални претставници го осудија нападот и го карактеризираа како антисемитски.
Трамп изрази сочувство до жртвите и луѓето засегнати од овој напад, додавајќи дека очигледно станува збор за злосторство од омраза и дека властите ќе го испитаат целиот случај, пренесе „Ројтерс“.
Comments are closed for this post.