Царинските служби во пристаништето Фрипорт на Малта запленија кокаин чија крајна дестинација требало да бидат Албанија и Црна Гора.
Според малтешката Царинска управа, на која се повикуваат албанските медиуми, станува збор за 144 килограми кокаин, пакувани во 120 пакетчиња, скриени во три контејнери, чија вредност се проценува на околу 15,7 милиони евра.
Запленетата дрога во Малта пристигнала од Јужна Америка. Двата контејнера, со 48 килограми кокаин во вредност од 5,4 милиони евра требало да бидат испорачани во албанското прстаниште Драч, додека еден контејнер со 96 килограми со вредност од 10,3 милиони евра, во Црна Гора.
Ова е трет случај на спречен шверц на кокаин во Малта овој месец, а чија дестинација требало да биде Албанија.
Пред една недела во истото пристаниште беа запленети над 91 килограм кокаин, при што над 43 килограми требале да бидат испорачани во албанското пристаниште Драч, додека еден контејнер со 48 килограми во Солун, Грција.
Претходно властите во Малта во контејнер открија и заплененија 27 килограми кокаин, вреден 2,7 милиони евра, чија крајна дестинација, исто така, беше Албанија.
Од почетокот на годинава во пристаништето Фрипорт запленети се над 750,45 килограми кокаин, чија вредност на пазарот достигнува 83,9 милиони евра.
Инаку, лондонскиот весник „Дејли Мирор“ неодамна објави текст со тврдење дека албанската мафија ја презела контролата врз пазарот на кокаин во Велика Британија, кој се проценува на околу пет милијарди фунти.
Comments are closed for this post.