Светски познатиот режисер Коста Гаврас се почувствува „навреден“ од критиките во некои грчки медиуми насочени против финансирањето на неговата адаптација на книгата „Разговори ,еѓу возрасни, зад кулисите на Европа“ на Јанис Варуфакис.
Гаврас за прв пат снима во својата татковина, но не може да се каже дека наидува на топол прием. Според некои грчки медиуми, режисерот учествува во „саморекламата“ на владата на Алексис Ципрас. Печатот го напаѓа режисерот дека добил државна помош за адаптација на книгата на Варуфакис. Во неа, бившиот министер за финансии на Грција раскажува за „задкулисните игри“ околу грчката криза од 2015 година.
Коста Гаврас (85 години) е автор на многу политички и историски филмови како „З“, „Амин“ и други.
Филмови снимам 50 години. Јас самиот, како и моите филмови сме биле критикувани некогаш за лошо, но некогаш и за добро. Но, никогаш не пишувале дека сум земал пари за да популаризирам политика и планови на некоја партија. Дел од печатот во мојата татковина ме навредува на најлош можен начин, изјави режисерот, подвлекувајќи дека ова е прв негов филм, што го снима во Грција.
За снимањето на филмот Гаврас добил државна помош од 630.000 евра во рамки на новата програма на грчката влада за интензивирање на аудио-визуелното производство на државата. Помошта претставува 35% од трошоците за снимањето на Гаврас. Откако се појави веста за помошта, многу медиуми критички настроени кон Ципрас го нападнаа режисерот. Според нив, филмот е „индиректен обид за самореклама на владата со посредство на Коста Гаврас“.
Снимањето во Атина траеше до 20 април, по што Гаврас ќе продолжи со работа во Париз, Рига и Лондон. Премиерата на филмот е планирана за крајот на годинава.
Comments are closed for this post.