Во организација на движењето на „жолтите елеци“, ширум Франција се одржуваат нови протести од кои беше упатено „потсетување“ до Владата дека обновата на катедралата Нотр Дам не е единствениот проблем што треба да се реши во земјата.

Според француските медиуми, во текот на денешните, 23. по ред саботни протести на „жолтите елеци“, полицијата привела 126 лица, поради предизвикување нереди и подметнување пожари.

Полицијата соопшти дека претресла околу 10.000 лица, кои од другите делови на Франција се упатиле на протести во Париз.

Поголем протест се одржа и пред зградата на француското Министерство за финансии, од кој беше побарано намалување на даноците за работниците и пензионерите и зголемување на даноците за богатите.

Неколку илјади „жолтите елеци“ од пред Министерството се упатија кон Плоштадот на Републиката, при што дел од нив запалија неколку контејнери и насобрани гранки, поради што интервенираше полицијата и употреби солзавец за нивно разбивање.


Друга група „жолти елеци“ се собраа близу катедралата Нотр Дам, која беше сериозно оштетена во голем пожар меѓу понеделникот и вторникот, а трета група од околу 200 лица се обиделе насилно да влезат во Елисејската палата, при што биле спречени од полицијата.

Дел од учесниците на протестите носеа плакати со натпис „Сите ни сме катедрали”, оценувајќи дека за време на петмесечните протести „жолтите елеци” не предизвикале толкаво сочувство меѓу француската елита, како опожарената Богородична црква.

Еден од лидерите на „жолтите елеци“, Пјер Дерие вчера на Фејсбук објави дека движењето „изразува негодување затоа што за четири дена се собрани милијарда евра за камења, а за сиромаштијата ништо“.


Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека за најновите протести ширум Франција ќе бидат распоредени околу 60.000 полицајци, потенцирајќи дека нема да бидат дозволени собири околу Нотр Дам.