„Атмосферата е прекрасна. Многу ми е драго што дојдоа луѓе, некои наши, некои од тука, њујорчани“, вели за Пресинг Тв, младиот македонски уметник Михаил Корубин, кој со својата „муза“, сопругата Каролина Гочева, престојува во Њујорк каде на 16 април ја отвори својата прва самостојна изложба.
Изложбата е отворена во њујоршката „МС“ галерија и ќе трае до 28 април, а проектот е поддржан од Министерството за култура. Корубин се претставува со 15 дела од голем формат, изработени во последниве три години во масло и акрилик на платно.
Ликовите се изработени со имагинација, значи се измислени и не се портрети на една личност. Почнувам со апстракција од која што ја пронаоѓам атмосферата и од тоа ми се раѓа ликот кој се надоврзува на целата композиција, вели Корубин.
Во вечерните часови на вториот ден од изложбата беше вистинска привилегија да се присуствува во њујоршката галерија и да се проследи не само уметничката композиција, туку и за да се видат претставници на македонската уметничка колонија во Њујорк.
Во каталогот за изложбата, авторот Михаил Корубин, меѓу другото, ќе напише: „Таму каде што сум роден и израснат, пророците, светците и ангелите се со широко отворени очи. Многу генерации гледаме во тие очи, а сега нивниот јасен поглед е вперен во мене, кој предизвикува чувство на личен контакт и свеченост, кое постојано ме следи…Сликите Аура, Анима, Есенс, Катарзиз…Тие не се моменти случајно одбрани од мојот изминат живот, туку се случуваат сега, замрзнати во времето, некаде меѓу пред и потоа“.
А, за идните планови Корубин вели:
Планирам и низ Европа да направам една турнеја. Сега мислам на Балканот, Белград со Софија, а малку подалеку имам некои планови за Берлин,значи мислам на Европа. Што се однесува до ново претставување тука, во Њујорк, ќе треба нови материјали. Се надевам, можеби следната година повторно во ова време.
Comments are closed for this post.