Царинските служби во пристаништето Фрипорт на Малта по само неколку дена, повторно запленија поголемо количество кокаин чија крајна дестинација требало да биде Албанија.
Станува збор за над 91 килограм кокаин спакуван во 76 пакетчиња скриени во три контејнери, чија вредност се проценува на околу 10,3 милиони евра.
Запленетата дрога, на Малта пристигнала од Јужна Америка. Два контејнера со над 43 килограми кокаин требало да бидат испорачани во албанското пристаниште Драч, додека еден контејнер со 48 килограми во Солун.
Пред пет дена властите на Малта запленија 27 килограми кокаин, вреден 2,7 милиони евра, чија крајна дестинација, исто така, беше Албанија.
Од почетокот на годинава во пристаништето Фрипорт се запленети над 606 килограми кокаин, чија вредност на пазарот достигнува 68,2 милиони евра.
Инаку, лондонскиот весник „Дејли Мирор“ неодамна објави текст со тврдење дека албанската мафија ја презела контролата над пазарот со кокаин во Велика Британија, кој се проценува на околу пет милијарди фунти.
Comments are closed for this post.