Мотивацијата да влезе во трката за претседател на Македонија, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, ја нашла во желбата да направи обид да влијае за промени нешто во државата. Зборувајќи пред граѓаните на Прилеп, Силјановска порача дека правото и правдата мора да се применуваат во секојдневниот живот, затоа што во спротивно Уставот и законите се обичен декор.
Поголем предизвик е да се обидеме да смениме нешто. Не за мене, не за партиите кои ме поддржаа, туку поради граѓаните. Кога правото и правдата ги нема во реалноста, Уставот и законите се обичен декор. Сите да бидеме еднакви пред нив, да нема селективна правда, да нема владеење на една група олигарси кои го користат Преспанскиот договор и договорот со Бугарија за да го зголемат своето богатство. Катаден се среќаваме со клиентелизам, корумпирани политичари, скандали… – истакна Силјановска.
Тоа за што се залагам и во што верувам е содржано во слоганот на мојата кампања „Заедно напред“, истакна кандидатот на претседателската коалиција, Стево Пендаровски, пред жителите на Арачиново. Пендаровски потенцира дека тој слоган истакнува дека заедно може и треба да се оди напред, дека напредокот почна и враќање назад нема
На 21 април да го избереме концептот за напредок, да го избереме број три, да не дозволиме никој да не враќа назад, да продолжиме напред, заедно напред. Барам од сите граѓани заедно и сплотени да продолжиме по патот по кој тргна Северна Македонија – изјави Пендаровски.
Заедничкиот кандидат на Алијанса на Албанците и Движењето Беса, Блерим Река, од Кичево порача дека доколку биде избран за претседател ќе се залага државата да функционира така што сите граѓани ќе се чувствуваат еднакви. Тој истакна дека во изминатове 18 години, поради неодговорните политичари, тоа не било случај, што било причина за егзодус.
Работите мора се променат. Мојот концепт „Република за сите“, во основа значи правна држава за сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или која било друга припадност изтакна Река.
Comments are closed for this post.