Кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва на митинг во Неготино рече дека е направен незапаметен исчекор во изминатите две години. Со де факто зачленувањето во НАТО, како што рече, нашите граници се обезбедени од најмоќните 29 земји на светот и за нив имаме меѓународна гаранција и сигурност.

Првпат седиме на иста маса со клучните држави кои го обликуваат денешниот свет. Таков исчекор е  незапаметен. Сега треба да продолжиме напред, кон ЕУ, да ги отвориме можностите и да ја обезбедиме иднината. На тие крупни чекори да им дадеме реална вредност на домашен план, во економијата и подобриот живот, порача Пендаровски пред неготинци.

Рече дека е исправена неправда кон лозарите од овој крај – исплатени се пари кон повеќе од 2.000 лозари од Тиквешкиот Регион за предадено, а неплатено производство во претходните години. Обезбедени се 424 грантови за младите земјоделци од по 10.000 евра за да почнат сопствен агробизнис. Тоа се позитивни трендови, рече Пендаровски и додаде дека е потребно  да продолжи напредокот за тие трендови да се засилат.

Само доколку продолжиме напред ќе осигураме членство во ЕУ. Тоа ќе ги отвори можностите за пристап до огромните фондови на Унијата за земјоделството и ќе даде шанса за пласманот на нашите производи на пазар од 500 милиони жители. Затоа е важно да продолжиме напред, рече Пендаровски.

Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата претходно имаше средби со граѓаните на Градско, Росоман и Демир Капија, а по Неготино продолжи на митинг во Кавадарци.