Лидерите на двете преговарачки групи за законот за јавното обвинителство, министерката за правда Рената Дескоска (СДСМ) и адвокатот Тони Менкиноски (ВМРО-ДПМНЕ) днеска имале кус телефонски разговор на кој не се договориле кога групите повторно ќе седнат на иста маса. Тие се очекуваше до сега да ја завршат работата со нацрт-законите за ЈО и за СЈО, но во моментов и двете страни стојат на различни позиции, но, сепак, изјавуваат дека преговорите не се мртви.
За неколку клучни точки се кршат копјата меѓу власта и опозицијата – идниот статус на СЈО, односно како тоа да се инкорпорира во Јавното обвинителство, како и за досегашните постапки и доказите кои ги презеде тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Менкиноски за Пресинг ТВ вели дека поканата за средба не можел да ја прифати зашто, како што ни изјави, „бараа амандмани, им испративме амандмани по писмен пат и чекаме одговор на тие амандмани“.
Ние не отстапуваме од принципите кои ги кажавме јавно, ние се залагаме за правна држава, па во тој контекст ги испративме и наши 65 амандмани. Ние сме против монархистичко обвинителство, тоа се содржи во нацрт-законот што го предлага власта, а ние тоа не можеме принципиелно да го прифатиме. Затоа, понудивме решенија кои се во интерес на правната сигурност и заштитата на граѓаните“, изјави Менкиноски за Пресинг ТВ.
Според информациите од Министерството за правда, во саботата на Менкиноски му биле пратен изменет законски текст со вграден дел од амандманите кои не ги загрозуваат постапките и статусот на СЈО, а кои главно се однесуваат на одредби од Етичкиот кодекс во законот.
Тоа е материјалот по кој ВМРО-ДПМНЕ треба да изгради став, имајќи предвид дека јасно ни е предочено кои се критериумите за отпочнување на преговорите и дека од нив отстапување не може да има“, велат од Министерството за правда.
Според сознанијата на Пресинг ТВ, во нацрт-законот се предлага нешто што опозицијата не само што не сака да го прифати, туку за неа со него се потврдувал ставот за „монархистичко СЈО“, односно тоа да биде доминантно, и да биде еден вид инструмент за селективно застрашување. Од опозицијата велат дека за нив е неприфатлив предлогот Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се укине во 2022 година, а неговите надлежности, како и целата архива и ресурси да ги преземе СЈО.
ВМРО-ДПМНЕ, пак предлага СЈО да биде дел од обвинителството, односно како посебно одделение во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Comments are closed for this post.