Од заробена држава, денес ние сме единствената држава на Балканот која продуцира позитивни вести и добива позитивни критики од целиот свет. Дојде време за вистинска шанса за сите, и посебно за младите. Никаде не е подобро од дома, нагласи претседателскиот кандидат од СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски на вечерашниот митинг во Битола.
Пендаровски потсети дека Битола е еден од градовите кој масовно се вклучи во широкиот народен отпор кон диктатурата и, како што рече, дојде време за вистинска реализација на слоганот од шарената револуција.
„Основната парола на шарената револуција, на тој широк народен отпор кон диктатурата беше „Нема правда, нема мир!“. Како претседател на сите граѓани имам намера тоа да го почитувам до крај, а тоа значи дека тој слоган конечно ќе биде реализиран и имплементиран без резерва“, рече Пендаровски.
Појасни дека и слоганот „Заедно напред“ не е избран случајно, бидејќи двата збора не може да стојат самостојно, мора заедно. Тој посочи дека зборот заедно значи сите етнички заедници заедно и напред затоа што, како што рече, тоа е контрастот со нашите главни политички опоненти.
„Нивниот концепт е се што направила оваа Влада да се поништи, а тоа е рецепт за неуспех, кавги и враќање во темното минато“, нагласи Пенадровски.
Лидерот на владејачката партија Зоран Заев на митингот во Битола повика на масовно гласање и поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
„Сите сме зад вистинскиот кандидат, универзитетски професор, човек кој од претседателот Киро Глигоров учеше како треба, човек кој ги советуваше претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски за тоа како треба, но исто така гледаше од Иванов како не треба. Пендаровски е комплетна личност која треба да ја води нашата земја токму во ова време кога се оди заедно и напред“, рече Заев.
Според првиот човек на македонската Влада, по изборот за претседател, Стево Пендаровски еднакво ќе им служи на сите и затоа народот тоа ќе го поддржи.
„Секогаш на оваа наша земја се што и се случувало било од нашиот народ. Секогаш кога правела чекори напред, народот тоа го овозможил затоа повикувам сериозно, одговорно, со полн фокус и целосно внимание заради младите и идните генерации да не се ништи овој пат, кој е отворен пред пред сите. Да продолжиме да се движиме по вистинскиот пат, по вистинската насока, затоа што сме должни пред нашите деца, пред идните генерации…да гласаме за иднината на нашата земја, да гласаме за идните генерации, да избереме претседател со кој сите ќе се гордееме. Да го избереме Пендаровски, човек кој што сплотува“, нагласи лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на митингот во Битола.
Comments are closed for this post.