Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска претстави осум проекти кои ќе почне да ги реализира во првите осум месеци од преземањето на претседателската функција, а кои, како што нагласи, ги отсликуваат неговите клучни заложби и столбови на програмата.
Првиот ќе биде да организира форум за натпартиски политички дијалог.
По долги години конфликти и поделби на Македонија и е потребен меѓупартиски дијалог за најважните прашања за граѓаните. Претседателот треба да биде глас на разумот, баланс меѓу политичките партии, изјави денеска Пендаровски, додавајќи оти токму тоа е целта на овој форум, во кој ќе бидат вклучени и академската и стручната јавност, бизнис заедницата, синдикатите и граѓанските организации, изјави Пендаровски.
Директни средби со граѓаните, со однапред утврден годишен календар на средби, претседателски центар за континуирано политичко образование, кое ќе се разликува од досегашната школа за млади лидери на Ѓорге Иванов, фонд за стипендирање студенти истражувачи, годишна конференција за научен и технолошки напредок, како една од неговите главни заложби, волонтирање за солидарно општество, жени во политиката и претседател на сите граѓани, се проектите на кои ќе се фокусира Пендаровски.
Информира дека ќе назначи посебна советничка за родова еднаквост и промоција на учеството на жените во политиката, а во неговиот кабинет ќе подготви стратегија за поттикнување на учеството на жените во политиката. Тој нагласи дека ќе ги поддржи заложбите за задолжително учество најмалку 50 проценти жени на изборните листи и за парламентарните и за локалните избори.
Кабинетот на претседателот, истакна Пендаровски, ќе го отсликува мултикултурниот карактер на нашето општество.
Ќе бидам претседател на сите граѓани, а тоа прво ќе го докажам во мојот Кабинет. Во кабинетот на Претседателот ќе има претставници од сите етнички заедници, избрани според нивната компетентност и професиналност, рече Пендаровски.
Прашан како го оценува досегашниот тек на предизборната кампања, Пендаровски подвлече дека заега е задоволен од нивото на коректност од самите кандидати во односот еден кон друг. Во однос на политичката понуда, меѓу другото нагласи дека неговата понуда е супериорна во однос на сите битни точки за Република Северна Македонија, почнувајќи од внатрешната кохезија, па се до интеграциите кои се клучен проект без кои земјава не може да напредува.
Според него, крајно време е и во кампањите за претседател да се влегува со конкретни рокови и ако не се почитуваат тие рокови, потенцира, политичката одговорност не е само на следните избори, постои и морална одговорност пред некои следни избори.
Оној што ветува, плус со рокови, не ги почитува, а самиот си ги задал пред целата македонска јавност, мислам дека треба да си замине од таа функција, изјави Пендаровски.
Comments are closed for this post.