Веќе официјално почна предизбората кампања за претседателските избори. Кандидатите и политичките партии се растрчани на терен. Се перчат, фалат, ветуваат, покажуваат кој од кој е подобар. Но, не само предизборната кампања, оваа седмица во фокус на вниманието беше и првата официјална посета на грчкиот премиер. А само ден потоа, главниот град го посети и турскиот министер за одбрана. А во меѓувреме се зголеми бројот над една третина земји-членки на НАТО кои во своите парламенти го ратификуваа протоколот за членство на нашата држава во НАТО. И можеби посетата на турскиот министер на одбраната немаше да привлече толкаво внимание, ако не се случеше веднаш по посетата на грчкиот премиер. По прес-конференцијата на турскиот министер на одбраната заедно со неговата неговата колешка од македонската страна се наметна едно прашање дали Турција ја условува ратификацијата на нашата земја во НАТО со затворање на структурите на организацијата Фето кои според Турција постојат во нашата земја.
Но, ајде да видиме што историјата има да каже во однос на тоа. Нели историјата е најдобрата учителка во животот. Од историјата на дипломатските односи што Македонија ги има воспоставено со соседите може да прочитаме дека Турција е втората држава што ја призна независноста на нашата држава, а притоа немајќи никакви забелешки во однос на идентитетот и јазикот. Во текот на годините, комуникацијата и соработката меѓу двете земји е интензивна и активна на повеќе нивоа, и притоа се потпишани повеќе меѓународни договори што покриваат многу полиња на заеднички интерес. А во последните години во официјална посета на нашата држава биле претседателот на Турција, претседател на владата на Турција, претседател на турското Собранието и многу турски министри. А исто така, Турција беше и една од најгласните поддржувачи на нашата држава на полето на евро-атлантските интеграции.
Историјата на дипломатските односи меѓу Македонија и Грција вели дека од појавувањето на нашата држава како самостоен државен субјект, односите меѓу двете држави се карактеризираат со исклучителна сложеност поради разликите за државното името. Политичките односи и соработката во најголем дел од грчката страна се условувале со решавањето на разликата околу државното име. Сега со потпишувањето на договорот од Преспа и уставните измени за промена на државното име конечно Грција е среќна, па ете имавме можност да видиме грчки премиер да дојде на гости во Скопје.
Некаде во средината на односите и студена војна меѓу Грција и Турција, Македонија сега ги затопли односите со Грција, и истовремено се обложува на долгогодишните пријателски односи со Турција за подршка за ратификација на протоколот за НАТО во турскиот парламент. Историјата вели дека во моментите кога сме биле најголеми пријатели со Турција, тогаш сме биле најголеми непријатели со Грците. Сега кога станавме најдобри другарчиња со Грците, Турците се малку подналутени на тоа другарување. Од историјата треба да научиме, па од изјавата на турскиот министер за одбрана треба да разбереме дека тоа е ревностен одраз на тоа ново другарување.
А да погледнеме и малку подлабоко во историјата, ние од секогаш сме биле јаболко на раздорот или во регионот, а исто така историјата покажала дека соседите и не ни се баш најголемите пријатели. Затоа мудро да погледнеме во историјата и многу умешно и претпазливо од сегашноста да работиме на интересите за нашата држава во иднина. Historia est Magistra Vitae!
Comments are closed for this post.