Пред присутните кои вечерва се собраа на плоштадот во Виница, кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова ги повика граѓаните да излезат на изборите, зошто како што посочи таа, без тоа нема победа, нема промени, нема чекорење кон Европската унија.
„Деновиве од Хан чувме дека веројатно ќе дојде до подготвителни разговори за почеток на преговори со ЕУ. Лани ова време, слушавме дека штом ќе се случи Преспанскиот договор и дека ќе се реши проблемот со името, тоа ќе значи добивање датум во јуни. Јуни е блиску. Јас сум сигурна дека нема да добиеме почеток на преговори. Далеку дека јас не сакам Македонија да ги почне преговорите. ЕУ и самата си има домашни задачи и проблеми, после Брегзит, сега на дневен ред ќе дојде и анализата на критериумите за исполнување за почеток на преговори.
Силјановска порача дека единствена промена што ја направила оваа власт е како што кажа болната промена на името.
„И уште не убедуваат дека името нема врска со идентитетот, но ние што се бавиме со уставното право знаеме дека името е најголемиот идентитски симбол. Од раѓање до денеска сите ние сме живееле со името. Македонската нација се формираше во 19 век. Името не одбрало нас“, рече Силјановска Давкова.
Зборувајќи за правото на самоопределување, Силјановска рече дека дека тука влегува и правото на име, устав, химна и дека Европската унија е заснована на вредносни принципи, а тоа е како што кажа и моралниот принцип.
„Ја негираат нашата национална припадност. Оваа нација, по балканските војни била поделена, ама тоа не значи дека од онаа страна на границата нема Македонци. Ама сега слушаме дека тоа биле етнички Грци. Да речеа политички Грци би разбрала, а вака ова значи дека некој ја спори македенската нација. Таа нација се развивала со години. Во 19 век барале македонската нација да добие своја држава, ама сега велиме дека мешање во внатрешните работи на Грција е да се рече дека во Грција има македонско малцинство. Тоа било мешање во внатрешните работи, а не е мешање ако некој однадвор ви каже дека треба да го смените уставот и името“, рече Силјановска Давкова.
Таа потенцираше дека не е против договарање и преговарање, но не е за кршење на уставот и меѓународното право.
„Мислам дека ако се победи на овие избори уште еднаш ќе се покаже недоверба не само кон власта, туку и кон се што беше сменето во овој период. Тоа ќе биде повик за заминување, но и повик за ново доаѓање, на нова коалиција и нова партија“, порача Силјановска.
Кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата пред присутните граѓани во Виница рече дека го дава нејзиниот збор дека тоа што го напишала и ветила ќе го исполни дури и повеќепати од ветеното.
Една од првите мерки, рече Силјановска, ќе биде откажувањето од претседателските привилегии.
Comments are closed for this post.