Министерството за внатрешни работи информира дека четворицата патници од авионот, што вчера полета од Охрид за Софија, а се урна во близина на Солунска глава, се починати.
Припадниците на МВР, вчера околу 19 часот, ги лоцираа остатоците од авионот на локација на околу пет километри северозападно од Солунска глава.
Во несреќата загинаа Г.А.Б. (1970 год.), К.Ц.К.Б.(1972 год.), Г.Г.Б. (2005 год.) и Б.Г.Б. (2000 год.) сите од Република Бугарија. Според портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, судејќи според презимињата станува збор за семејство.
Тој не сакаше да ги коментира шпекулациите во бугарската јавност дека пилотот во еден момент побарал да слета во Скопје, но наводно не му било дозволено поради посетата на грчкиот премиер. Ангеловски рече за овие информации надлежна е навигацијата. Тој исто така не коментираше ниту за првичните сознанија за причините за несреќата, упатувајќи на ЈО и на Комисијата кои ја спроведуваат истрагата.
Министерството за внатрешни работи изразува сочувство до роднините на починатите и до сите граѓани на Република Бугарија. Службите на МВР, Институтот за судска медицина и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти вршат увид под раководство на јавен обвинител.
Comments are closed for this post.