За лажните вести со конкретни примери од двете земји, за причината за нивно ширење и периодот кога беа најинтезивни кај нас, но и за начинот на кој треба да се спречат, говореа на конференција во Атина надлежните министри за медиумите и комуникација од Северна Македонија и Грција, како и новинари од двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
На конференцијата организирана од Министерството за дигитална политика, телекомуникации и информации на Грција и Министерството за информатичко општество и администрација на Северна Македонија свои обраќања имаа министерот за дигитална политика, телекомуникации и информации на Грција, Никос Папас и неговиот заменик, Лефтерис Крецос, министерот без ресор и портпарол на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, а од кај нас, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
Пораката што ја упатија, како министрите од двете земји, така и учесниците беше дека вистината е главното оружје за справување со лажните вести, а лажните вести беа алатка на противниците на Договорот од Преспа, со цел да ја дезинформираат јавноста.
Министерот Манчевски рече дека основна форма на медиумска манипулација во однос на Договорот од Преспа беше „нецелосното известување”, односно намерно неинформирање за клучниот факт дека на веб-сајтот на Владата кратко време по потпишувањето е објавен оригиналниот текст на договорот.
Лажните вести, најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации кои беа претставувани како факти, истакна Манчевски.
Министерот за информатичко општетво и администрација, во неговиот говор рече дека во периодот од 1-ви април 2018 до 15-ти март 2019 година биле објавени вкупно 35.261 написи на македонски јазик и 13.995 на албански јазик, а анализите покажале дека “во просек 10 отсто од овие натписи може да се вбројат во информации чија цел не е информирање на јавноста, туку имаа за цел да презентираат неточни информации како факти”.
Најголем број написи се објавени во септември, октомври 2018 година и јануари 2019 година. Од анализирани 750 написи чија цел не е информирање на јавноста, најголем број написи биле објавени во септември и октомври 2018 година, но досегот на социјалните мрежи бил најголем во декември 2018 и јануари 2019 година. Ова покажува дека лажните вести се зголемени за време на референдумската кампања и периодот на усвојување на уставните измени во Собранието, како и ратификувањето на Договорот во грчкото Собрание, информираше министерот Манчевски.
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека за време на референдумот лажните вести биле со најголем интензитет, кога селективно избрани документи биле претставени како факти, без да биде посочен извор, а главнта цел била да пропадне договорот, кампања што се покажа како неуспешна. Тој се осврна и на активностите на владата.
Актуелната Влада на Република Северна Македонија и нејзините политики, демонстрираа дека постои силна политичка волја и стручна подготвеност да ги спроведеме медиумските реформи и да подобриме условите за работење на медиумите, во соработка со медиумските професионалци. Како централна извршна институција се заложивме дека во својата работа, а особено во сферата на комуникациите, ќе бидеме отворена влада. Отворена влада, која константно во јавноста пласира точни информации. На лагата да ѝ ја спротивставиме вистината, истакна Поповски и изрази длабоко уверување дека токму вистината ќе го продлабочи искреното пријателство и ќе ја интензивира соработката и заемната поддршка на граѓаните на Грција и Северна Македонија, додавајќи дека владите на двете земји заедно со новинарите ќе бидат предводници во борбата против лажните вести.
Министерот за дигитална политика на Грција, Никос Папас, за да ја долови експанзијата на лажни вести, рече дека можеби треба да се воведе и Нобелова награда за лажни вести, но во тој случај тој и неговите колеги од Северна Македонија би имале проблем и несогласувања кој да биде добитникот. Тој рече дека потребно е да се градат мостови на соработка и меѓусебно разбирање истакнувајќи дека “оружјето и на двете страни е вистината”.
Патот кон мир, пријателство и заеднички развој е отворен. Го отворија две прогресивни влади, отидоа напред без да сметаат на политичката цена, рече Папас.
Министерот без ресор на Грција и владин портпарол, Димитрис Ѕанакопулос истакна дека ваков вид на иницијативи, можат да ги приближат двете земји. Тој, како една од позитивните работи што произлегуваат од Договорот од Преспа го спомена патувањето во Скопје на Алексис Ципрас.
Ѕанакопулос рече дека и во двете земји постојат противници на договорот, квазипатриоти кои ја хранат радикалната десница, а како главни противници ги спомена опозициите и од двете страни на границата.
Нова демократија вели дека договорот е национално штетен, па а дури и предавнички. ВМРО од Северна Македонија тврди дека договорот е национално штетен и предавнички. Како може и од двете страни да е предавнички? Која вистина е вистинска? Кој од национализмите е во право? Ниту еден. Затоа што национализмите никогаш не се во право, истакна Ѕанакопулос.
Министрите и од двете земји, во нивните обраќања рекоа дека лажните вести имаат за цел да ги поделат народите, да шират омраза и да ги манипулираат граѓаните, но и дека заедничката конференција, прва од ваков тип е потврда за пријателството помеѓу Северна Македонија и Грција, како резултат на Договорот од Преспа.
На конференцијата во Атина, своите искуства и ставови во однос на лажните вести во врска со договорот од Преспа ги пренесоа новинарите од Северна Македонија. Тие се осврнаа на конкретни примери во медиумите и од двете страни.
Comments are closed for this post.