Податоците на градските служби на Град Скопје велат дека загубите на вода низ водоводниот систем достигнуваат и до 50 проценти. Петнаесет проценти од тие загуби се реални, односно отпаѓаат на водата потрошена за наводнување на јавните зелени површини, миење улици, јавни чешми и хидранти и слично, но и останатите 35 отсто се огромна бројка што покажува високо ниво на неефикасност на водоводниот систем.
Затоа, со цел да се направат чекори кон драстично намалување на загубата на вода, Град Скопје одлучи да изврши сателитско снимање на водоводната мрежа. Во процесот што трае веќе речиси еден месец, е вклучена израелската компанија „Јутилис“, специјализирана за ваков тип на сателитско длабинско снимање на водоводните инсталации.
Како што објаснуваат од компанијата, со помош на сателитските снимки се детектираат местата каде што има истекување вода од цевките со тоа што се испитува разликата во карактеристиките на водата од цевките во однос на останата влага од почвата. Потоа, местата каде што има истекување се обележува со различна боја во зависност од количеството на вода што ја испуштаат цевките.
Проектот е поделен на две фази и е во вкупна вредност од 5,5 милиони денари. Во текот на првата односно мапирањето на скопскиот водоводен систем биле откриени 237 дефекти, каде што се губи водата, по што ќе следува и детален извештај за местата и локациите во градот каде што има најмногу проблеми во водоводниот систем.
Како што информира скопскиот градоначалник, во наредниот период треба да почне и тендерската постапка за реализација на планот за „Смарт сити Скопје“. Во рамки на тој проект е предвидено во сите јавни претпријатија, средни училишта, музеи што се под надлежност на градот, да се воведат, таканаречени смарт водомери.
Со нив, како што истакна Шилегов, ќе почне дигитализацијата на водоводниот систем со што ќе се намалат трошоците за вода што ги прават јавните институции.
Comments are closed for this post.