Оперативно-техничката агенција иако е нова институција, солидно се оформува, работи согласно законските надлежности и ги почитува сите пропишани процедури.
Ова е наведено во Извештајот за работата на оваа Агенција, која е посредник во следењето на комуникациите, а кој денеска беше усвоен во собраниската Комисија за надзор на мерките за следење на комуникациите.
Надзорот и она што е содржано во извештајот се однесува на нормативниот дел од работата на ОТА, бидејќи во контрола на работата заминаа само пратениците, а надлежната Комисија се уште нема ИТ-експерти, кои треба да го контролираат техничкиот аспект. На јавниот оглас, објавен минатиот месец се пријавија седуммина апликати, но двајцата кои ќе работат во Комисијата ќе бидат избрани по претседателските избори.
Извештајот денеска на седницата на Комисијата беше усвоен со три гласа „за”, додека двајца пратеници на СДСМ и ДУИ беа воздржани. Нагласија дека се воздржани поради тоа што не присуствувале во надзорот и побараа во иднина контролите да се закажуваат во денови кога нема пленарни седници.
– Во периодот на вршење на увидот Оперативно-техничката агенција посредуваше во следење на комуникациите на 188 телефонски броеви. Мој впечаток е дека, иако се работи за нова институција, сосема солидно се оформува. Внимава на сите процедури и детали. За почеток, навистина ветува дека оваа институција ќе работи согласно законските надлежности и прописи, изјави претседателот на Комисијата, Емил Димитриев.
Изрази надеж дека по екипирањето на Комисијата и со технички експерти ќе можат и многу повеќе да се задржат и на делот на техниката.
– Сите телефонски броеви, кои што, се следени се врз основа на судски налог. За секој број мора да постои наредба за тој број да биде предмет на следење на комуникациите. Комисијата има право да гледа анонимизирана наредба. Не се гледа телефонскиот број, се гледаат други податоци. Нас во овој момент ни беше битно дали се што сега е предмет на следење е врз основа на судска наредба и има образложение зошто треба да биде предмет на следење, изјави Димитриевски.
Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, рече дека Агенцијата мора да ја спроведе судската наредба и нема право мериторно да одлучува дали нешто ќе се следи или не.
– Одлуката дали еден број треба да се следи е одлука на судот. За тоа постои соодветно образложение во наредбата што стигнува и до ОТА. Наредбата е уредена со правилник меѓу Министерството за правда и судовите, истакна Ангеловски.
Царинската управа и Финансиската полиција се уште ја немаат потребна опрема за да го добијат сигналот од ОТА за следење на телекомуникациите. Во извештајот за работата на Царинската управа е наведено дека таа е подготвена од аспект на обезбедени простории за вградување на опремата, изготвена систематизација и прават планови за крадовско екипирање.
Димитриев објасни дека од Царинската управа биле информирани дека набавката на опремата ќе оди заеднички со опремата од Финансиската полиција
Comments are closed for this post.