Попладнево е уапсен Тони Јакимовски, поранешниот шеф на кабинет на екс директорот на УБК Сашо Мијалков по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Станува збор за истрага отворена поради сомнеж за проневерени пари од касата на УБК.
Тој и уште тројца вработени во УБК се осомничени дека злоупотребиле службени пари и го оштетиле буџетот за 50 милиони денари, соопштуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинителството бара притвор за нив.
Во соопштението се наведува дека од јануари 2007 година до мај 2017 година, осомничените како службени лица во УБК злоупотребувале службени пари.
Во наведениот период, во 172 наврати, тие подигале службени пари, но на крајот на годината ги уништувале документите за исплата, без посебно одобрение од Директорот на Управата и без записник.
Јакимовски е задржан на распит во Кривичниот суд по завршувањето на денешното рочиште за Таргет-Тврдина. Освен во овој случај за незаконското прислушување, на Јакимовски му се суди и во случајот Трезор. И двата случаи ги води СЈО, а му се суди за злоупотреба на службена положба и овластување.
Comments are closed for this post.