Разграничување на политичкото именување од професионалната раководна служба е основната цел на новиот закон за висока раководна служба. За неговата нацрт верзија денеска почна јавната расправа. Новиот закон ќе се применува за актуелните функционери, директори и државни секретари, со определeна динамика, а неговата имплементација во првата година ќе чини 200 милиони денари.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски истакна дека предложениот начин на избор преку комисија за висока раководна служба, слично на изборот на членовите на Антикорупциската комисија, обезбедува учество и на политичките партии, граѓанскиот сектор, експертската јавност и на целата јавност. Тој додаде дека законот ќе биде болен само за политичарите, а Владата е цврсто решена да ги спроведе реформите во јавниот сектор и администрацијата без оглед на цената.
Се обезбедува баланс при изборот на професионални и компетенетни кадри, кои од друга страна ќе се обврзат дека ќе ја спроведуваат политиката на одредена влада во областа во која ќе делуваат. Да не негуваме илузии дека од она што претходно беше злоупотребен систем, каде што се беше политизирано, сега целосно треба да ја оттргнеме политиката од високата раководна служба. Раководителите на институциите мора да ја спроведуваат програмата на одредена влада, која е на власт, и тоа треба да биде еден од основните постулати за нивно функционирање. Инаку, ја губиме смислата зошто да одиме на избори, зошто да се избира влада и пратеници, изјави Манчевски.
Тој појасни дека високите раководители ќе мора да покажат одговорност и, како што нагласи, не може да бидат оставени заштитени и да не може да ги смени никој. Ако нема резултати во нивното работење, Владата ќе дава мислење, а крајниот збор ќе го има комисијата за висока раководна служба.
Ние ова ќе го примениме на нашите именувани функционери од оваа Влада. Не очекувајте дека тоа ќе се случи веднаш, бидејќи се работи за стотици. Предвидена е динамика која ќе ја дебатираме. Имавме предлог по шест месеци да почнат во централната власт, а потоа да се префрлиме во локалната власт, додаде Манчевски.
Комисијата за висока раководна служба ќе биде составена од пет члена со шестгодишен мандат, без право на повторен избор. Нивниот избор, како што информираше државниот секретар, Јахи Јахија, ќе се врши во фер и транспарентна постапка, преку јавен оглас.
Во републичкото Собрание ќе се формира комисија за избор на членови на комисијата за висока раководна служба, која ќе ја сочинуваат седум члена – по еден од стопанските комори, Интеруниверзитетската конференција и ЗЕЛС, двајца пратеници од владејачки партии и двајца пратеници од двете најголеми опозициски партии. Таа ќе врши селекција на кандидатите и нивно јавно сослушување. Откако ќе биде избрана, комисијата за висока раководна служба, ќе формира одбори за селекција на високи раководители, ќе раководи со постапките за селекција на високите раководители, ќе носи акциски план за промоција на соодветна и правична застапеност и родова еднаквост.
Comments are closed for this post.