Со цел да го стимулира користењето велосипеди, Град Скопје распиша јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните за купување велосипед.
Со јавниот повик, Град Скопје на граѓаните кои ќе купат велосипед од 11 март, денот кога е објавен повикот, заклучно со 30 март годинава ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, соопштија од Град Скопје.
Барателот треба да е жител на Град Скопје, да нема добиено финансиски средства претходно за набавка на велосипед од Град Скопје и велосипедот да го купи од денот на објавување до денот на завршување на Јавниот повик.
Барателот до Град Скопје треба да достави барање за субвенција за купување на еден велосипед, доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот, изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје и доказ дека е извршено купување на велосипед, и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на Јавниот повик, соопштија од Град Скопје.
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 09 до 15:00 часот.
Comments are closed for this post.