Пред три дена го одбележавме Меѓународниот ден на жената, прогласен како таков во 1910 г., на првата меѓународна женска конференција одржана во Копенхаген (Данска) во организација на Социјалистичката интернационала и на предлог на познатата германска социјалистка Клара Цеткин. На овој ден се одбележуваат економските, политичките и општествените достигнувања на жените во светот. Во врска со ова, сакам да потсетам дека во поновата македонска историја, како една од првите борци за женските права е велешанката Роса Варналиева, односно Плавева (1878) илинденка, револуционерка и пријателка на Кемал Ататурк, соидејник на Роза Луксембург и на Карл Либкнехт. Таа, во 1908 г. во деновите на младотурскиот полет, заедно со учителката од турска националност Накие Бајрам организира демонстрации во Скопје за рамноправност на жените. Веќе следната, 1909 г. на 1 мај, заедно со сопругот Илија Плавев ја формираат социјалдемократска организација во Скопје. Десетина години подоцна, на 29 февруари 1920 г. Роса Плавева ја формира „Организацијата на жените социјалистки“ во Скопје, која се залагала за еднакви плати на мажите и на жените, за укинување на капиталистичката експлоатација и за активно и пасивно избирачко право на жените. Ова нека биде кратко потсетување на жената која има значајно место во македонската социјална и политичка историја сè до 1970 г., кога починала. Затоа е и значаен 8 Март, одбележувајќи го треба не само да ги споменуваме, туку и да се угледаме на позитивните примери и идеи на исклучителните жени. Нашата историја бележи многу од нив: Сирми, Румени, Султани, Марии, Анастасии, Донки, Сребри, Константини, Вери, Фани, Елпиди, Паликуќи, Мирки.
Меѓу нив е и Естреја Хаим Овадија – Мара (1923–1944), неа ја издвојувам заради нејзинот еврејско потекло, а токму на денешен ден пред 76 години, бугарската фашистичка власт со претходна направена системска евиденција ја отпочна депортацијата на македонските Евреите од Скопје, Битола и Штип во Треблинка (тогаш Нацистичка Германија). Монополот во Скопје бил адаптиран како транзитен логор. По 11 дена живот, во лоши услови во складиштата на Тутунскиот комбинат на 22 март 1943 г. тргнала првата композиција кон нацистичкиот логор Треблинка. По него следуваа уште други два транспорти. Во тие денови се депортирани околу 7.144 Евреи мажи, жени и деца. Никој од нив не се вратил. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи од Битола, Естреја Хаим Овадија преминала во илегалност на 10 март 1943 г., а потоа на 5 април 1943 г. заминала првин како борец во партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во одредот „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ. Оваа исклучителна млада жена, родена во Битола, многу рано ја почувствувала сета мака на сиромаштијата. Нејзиниот револуционерен активизам дошол до израз предводејќи една работничка група за време на демонстрациите против политиката на југословенската влада на 27 март 1941 г. во Белград. Есента, во 1941 г. се вратила во Битола и се вклучила во активностите за организирање на народноосолбодителната борба во Македонија. При формирањето на Седмата македонска бригада била поставена за политички комесар на баталјон. Само четири дена потоа, во борба со бугарските воени сили, загинала на 26 август 1944 г. на Кајмакчелан (Битолско), имала само 22 години. Потсетувајќи на оваа исклучителна млада жена, народен херој (1953), воедно ќе ги споменам и другите борци Евреи во народноослободителната борба на Македонија: Виктор Мешулам–Бустрик, Јосеф Песо (Пепо), Мордо Тодолано (Спиро), Бено Русо (Коки), Мордехај Нахмијас (Лазо), Арон Ароести, Жамила Коломонос (Цвета), Роза Камхи и др.
Ова е само мал обид на оддавање почит кон македонските Евреи кои пред 76 години доживеаа страотна голгота. Да не се повтори… Nevermore! (Никогаш!) како што вели Едгар Алан По во „Гарванот“. Оваа трагедија не е само наша, таа е европска и светска, таа е општоцивилизациска и треба да биде поука и сегашна и идна, против агресивното владеење и неморал, мистифицирање и непочитување, уништување на сето она што значи човечки живот, судбина, честитост, оставнина! Затоа во оваа наша стварност, треба многу силно и моќно од ова Горкиево „На дното“ да се издигнеме како свесни, разумни и чувствителни суштества, за да ја заслужиле вредноста на мислата: „Човек, колку тоа гордо звучи!“
Меѓу другото, да ве потсетам: СЕВЕРНА, никогаш! МАКЕДОНИЈА на Македоците!
Comments are closed for this post.