Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР ги истражува заканите упатени до политичарите од страна на затворениците упатени преку отворено писмо пренесено преку интернет-портали, потврдиле од полицијата за „Макфакс“.
Во врска со заканите упатени до политичарите од наша страна известено е Основното јавно обвинителство Скопје. Споделените објави ќе бидат процесирани со соодветен поднесок во консултација со Обвинителството, пишува во одговорот од полицијата.
Од Обвинителството за „Макфакс“ потврдиле дека добиле известување од полицијата по чие проучување итно ќе се постапува. Неофицијално, во извештајот за инцидентот не е нотирано како затворениците дошле до мобилни телефони за да ги упатат заканите.
Мухамед Красниќи, алијас Командант Малишева, од кумановската група, на „Фејсбук“ упати отворени закани кон ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и напиша: „Спиро Ристoвски беше боксуван од Лирим Красниќи, браво братучед. Миле Јанакиески беше боксуван од Есат Кафеѓоли. Образот ми го обеливте денес. Ние нема да престанеме во оваа битка. Ниту еден Албанец не се освети за нас до денес и затоа ние сами ќе се осветуваме бидејќи сите ќе ни дојдат тука во затворот“, стои во заканата на Красниќи.
Comments are closed for this post.