Воени авиони на индиските воздухопловни сили ја поминаа контролната линија во спорниот регион Кашмир и бомбардираа територија под контрола на Пакистан, потврдија двете земји.

Индија соопшти дека во нејзините напади биле убиени голем број терористи. Акцијата е спроведена само неколку дена откако 40 индиски паравоени полицајци беа убиени во напад со автомобил-бомба во индискиот дел на Кашмир.

Индија тврди дека уништила камп за обука на терористи во регионот Џаба, со кој управува Пакистан, додека Пакистан соопшти дека го спречил нападот и „натрапниците“ биле избркани од неговиот воздушен простор.

Индискиот министер за надворешни работи, Виџај Гокхале, рече дека се работи за „не-воена превентивна акција“ чија цел бил камп за обука на исламистичката милитантна група Џаиш-е-Мохамад.

Групата ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад со автомобил-бомба во Пулвама на 14 февруари во индискиот дел на Кашмир. Според кредибилни разузнавачки информации, исламистичката милитантска група Џаиш-е-Мохамад планирала уште самоубиствени напади во Индија.

Гокхале соопшти дека во кампот имало многу жртви и оти целата инфраструктура била уништена.


Од друга страна, портпаролот на пакистанската армија, генерал-мајор Асиф Гафур изјави дека пакистански борбени авиони ги избркале „натрапниците“ надвор од својот воздушен простор пред зори. Тој не кажа дали имало жртви.

Под присилно забрзано повлекување авионите пуштија товар кој падна во отворена област. Ниту една инфраструктура не беше погодена, ниту имаше жртви – објасни Гафур.

Веднаш потоа, официјален Исламабад истакна дека го задржува правото на одговор откако Индија призна дека влегла на негова територија во Кашмир.

Индија ја наруши Линијата на контрола – изјави шефот на дипломатијата Шах Мехмуд Куреши, осврнувајќи се на границата која ја дели спорната територијата.

Премиерот Имран Кан свика итен состанок за да се дискутира за ситуацијата, информира Куреши.