Вчерашниот ден не беше само крунисан со ентузијазмот на граѓаните кои масовно излегоа да дадат потпис за поддршка на претседателската кандидатура, туку и ден на недолични инсинуации и лични дисквалификации од политичките ривали и неистомисленици кои се обидуваат да ја запрат енергијата меѓу граѓаните која се заканува да ги порази. И сето тоа поради еден збор употребен во мојот повик кон граѓаните од кои барав поддршка – самослик (selfie), објави утринава на Фејсбук претседателскиот кандидат професор Гордана Силјановска Давкова.

Таа потенцира дека станува збор за „злонамерна (не)научна интерпретација на кривичното право“ -повикот за потпис во знак на поддршка на кандидатурата и постирањето селфи и хаштаг#сепотпишавзаправоиправда, се алатки масовно практикувани во кампањата на Обама, на Сандерс и на Трамп.

„Тоа имаше цел ослободување на македонските граѓани од стравот и нивно мобилизирање за промени. Искрено, идејата за самослик оригинално дојде од младите и „дрски“ членови на мојот тим. Тие сметаа дека на ваков начин повикот ќе стаса до нивните врсници и ќе ги анимира по пат на идентификација со нашата основна цел. Од друга страна, ова требаше да креира порака и до „противниците“, во вид на најава за незапирливото надоаѓање на реката граѓани, одлучни да поттикнат промени. Овој модерен пристап не може никако да се доведе во врска со срамното сликање на гласачките ливчиња, како доказ за војничка лојалност кон партијата, како што го импутираат тоа противниците“, истакнува Силјановска.

Таа додава дека нема да отстапи од пораката до сите граѓани: само со владеење на правото се станува европска Македонија!