Одговорност за обидот за линч на поранешните министри Јанакиески и Ристовски мора да има. И кривична и политичка. Одговорност за лажењето и прикривањето на обидот за линч мора да има. Мора кривично да одговараат и сторителите и тие кои што дозволија ова да се случи, а пред се оние кои го инспирираа и го нарачаа линчот. Оставката на директорот на истражниот затвор е само гол популизам во обид да се забошоти скандалот и да се амнестира деспотот Зоран Заев и неговиот извршител Рената Треневска Десковска, ова денеска го изјави Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Кога поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков беше притворен, во јавноста веднаш беа пуштени негови фотографии за тој да биде понижен и жигосан. Одговорност немаше од надлежните. Во истражниот затвор Скопје беа нападнати и Јане Ченто, Коста Делов и Кире Ѓорѓиевски. Одговорност немаше. Повеќе од очигледно е дека насилството во истражниот затвор не е случајно, туку е нарачано и организирано. Во дворот на затворот камерите работат, а три дена како веќе нема никакви детали околу обидот за линч на Јанакиески и Ристовски. Зарем некој верува дека послушниците на деспотот Заев немаше да лиферуваат некоја снимка доколку имаше барем 1% вистина во манипулациите со кои што се обидуваат да го излажат народот. Ни сами не веруваат во лагите дека Мицкоски и Груевски стоеле зад обидот за линч. Ни сами не веруваат во лагите дека Јанакиески или Ристовски ги нападнале осудените од Диво Насеље, само заради некаква вербална расправија. Да беше така, досега ќе гледавме нови спектакуларни снимки од апсења и снимки од малтретирање, но за жал гледаме само обиди да се забошоти истрагата, исто како што исчезнаа снимките од пајакот што ја нападна полицајката, истакнува Стоилковски.
Тој додава дека последните закани од кумановската група и нереагирањето на власта, покажува дека станува збор за спрега преку која што деспотот Заев сака политички да се одмаздува кон неистомислениците. Отворено се поставува прашањето дали е ова враќање на долгот од страна на куменовската група за селфито на Заев и Оливер Спасовски во Диво Насеље и поддршката што ја даваа тој и Оливер Спасовски ?
После сите овие случувања, станува јасно дека во истражниот затвор веќе никој не е безбеден и затоа бараме судот да ги преиспита мерките и за Спиро Ристовски и за поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и за поранешниот заменик министер за земјоделие Христијан Делев и за сите останати кои политички се притворени. Министерката за Правда Рената Треневска Десковска и Директорот на Управата за извршување на санкции мора да си поднесат оставки веднаш за да се овозможи професионална и независна истрага. Македонија никогаш нема да биде дел од демократска Европа со вакво деспотско владеење на Зоран Заев. Време е Заев да си замине да излезе од власта и да ја ослободи Македонија. Доколку нема храброст самиот да го стори тоа, ќе го види одговорот на народот прво на претстојните Претседателски, а потоа и на предвремените парламентарни избори каде што жестоко ќе биде поразен Зоран Заев и “заевизмот” со што се владее во Република Македонија, потенцираше Стоилковски.
Comments are closed for this post.